Ако модата недела во Париз носи уметнички решенија за висока мода, неделата во Милано балансира елеганција и луксуз, а таа во Њујорк ги трасира трендовите за урбана мода, Лондон е седиште на најголемите модни иновации. Таму се собираат најголемите кретивни модни умови , кои како во лабораторија ги претставуваат своите изуми. Тоа е место каде што првпат можеа да се погледнат најоткачените идеи на Вивиен Вествуд, каде што пламна генијалноста на Александар Меквин, а како поминуваат годините, станува расадник за нови модни научници. Не е претерано ако Модната недела во Лондон се спореди со научен симпозиум, на кој поголем дел од опитите стануваат дефиниција за тоа што ќе се носи во иднина. На листата на дизајнери, кои секогаш брануваат со нови, успешни експерименти е Кристофер Кејн. Иако голема фама се крена околу промоцијата на првите чанти со негов потпис, во рамки на сезонска линија, сепак изнендувањата не останаа на нив.
Тој одушеви пред сè со обидот да ја размрда крутата слика за двостраноста на облеката и да и вметне малку понаква форма. Така , настанале и 3Д-фустаните. Моделите со повеќеслони карнери од органза, кои даваат тродимензионелен ефект отвораат нова модна перспектива. Македонската публика имаше можност да погледна вакви фустани во колекцијата есен-зима 2012/13 на нашата креаторка Росица Мршиќ.
Раздвижените парчиња материјал на Кејн, наредени во неколку слоја, се порабени со контрасна боја, за да се засили ефектот. Покрај 3Д- фустаните тука се и креациите со ракави исто така во неколку димензии. Станува збор за парче материјал со отвори низ кои е протната раката, како нанижена во ракавот. Изненадувањата продолжуваат со моделите со принтови, како рамки за слики. Двослојните фустани и блузи во основата имаат слика со цвет ,а долниот слој ги покрива од страните. Модното љубопиство го носи Кејн и до експериментирање и со тантела. Таа и покрај својата богата текстура, создава една хармонична слика, истовремено покривајќи и разголувајќи го телото. (А.Н.)
Нема коментари