Метална шахта, споменици за НОБ, дел од ГТЦ се симболите на Скопје што дизајнерките Дафина Џепароска и Нита Муча ги вметнаа во новата линија на накит наречена „Скопје, те сакам“, што деновиве може да ја видите и во поп-ап продавницата на фестивалот „Скопје креатива“. На едно парче од накитот среќаваме нова реинтерпретација на натписот со изјавата на Тито што стоеше на Старата железничка станица како потсетување на катастрофалниот земјотрес во Скопје.
-„Скопје, те сакам“ е втор дел од заедничката колекција со Нита Муча, на тема мојот град. Овој проект е инспириран од симболите на градот, кои сè повеќе се потфрлаат, искоренуваат или преобратуваат преку новите културни политики за бришење на нашата историја и создавање на нова. Оваа колекција е директна критика на сегашниот изменет изглед на градот. Целта на оваа колекција е да придонесе во подигнувањето или будењето на свеста на граѓаните. Да поттикне размислувања за креативно дејствување во просторот и секако, готовиот продукт да ги разубави потрошувачите – вели Џепароска.
Нема коментари