Фустан од македонската модна креаторка Јована Филиповиќ се најде во рубриката The Dress to Impress во септемврискиот број на британското издание на престижниот магазин Glamour. Ова е втор пат Glamour UK да објави крации од македонски брендови, кои ги поврзува продажбата преку нашиот сајт и бренд за екомода Bastet Noir. Имeно, како што објави stylist.mk минатиот месец, црниот долг фустан на Bastet Noir се најде во истата рубрика во августовскиот број Glamour UK.
- Убаво е чувството кога ќе видиш некоја своја креација во списание, кое не е македонско, и кое има голем удел во креирањето на модната свест во светот. Ова е одлична промоција за било кој дизајнер од нашите простори. Статистички, Glamour UK е најчитаниот магазин за мода и убавина во Британија. Едно од ретките списанија кои освен за мода, имаат и статии за шминка, фризура, lifestyle, уличната мода и слично. Тоа се работи од секојдневниот живот што ние, дизајнерите, би требало да ги следиме, за да бидеме во постојан тек со светските модни трендови… Се израдував кога дознав дека од редакцијата на Glamour ја исконтактирале Даниела Милошеска, основачката на Bastet Noir, со молба да ја стават мојата креација во септемвриското издание на списанието-вели Филиповиќ.
Таа објаснува дека Bastet Noir е првата онлајн продавница во Македонија, каде што моментално можат да се најдат и парчиња од нејзината последна колекција.
Од Bastet Noir велат дека објавата во Glamour UK им донела многу позитивни нешта.
- Имавме доста позитивни реакции од првата објава на Glamour UK, повеќе посети на сајт, а продажбата ни беше зголемена за 20 отсто. Што се однесува до повторната соработка, асистент модниот едиторот на Glamour UK нè контактира повторно зашто им се допаднал фустанот на Јована Филиповиќ па сакаа да го стават во делот The Dress to Impress. Денот кога ни го испратија имејлот беше ден на радост во нашата канцаларија-вели Даниела Милошеска.
Станува збор за креација од колекцијата на Јована за пролет-лето 2014. Тоа е долг минималистички фустан, изработен од свила, волна и памук, со додатоци од метален синџир, бисер и камен. Идејата за кројот и изборот на материјалите потекнува од 60-тите, ера која всушност и била инспирација за самата колекција.
Јована Филиповиќ важи за една од најталентираните креатори од новата генерација, која неколку години гради успешна самостојна кариера. Минатиот месец го отвори своето ново модно студио во центарот на Скопје.
Нема коментари