По големиот успех на делата „Се гледаме на врвот” и „Стравот”, Коста Петров најавува нова книга – „Нашето последно кафе”. Промоцијата на новиот наслов ќе се одржи на 24 септември (среда) во 19 часот на платото пред скопската книжарница „Три” во ГТЦ . „Нашето последно кафе” го отсликува неговиот емотивен и духовен раст преку неколку прватни и професионални искуства. Ова е книга за сите борци, за луѓето кои не се откажуваат, за оние што ја гледаат светлината и во најтемните моменти на животот.
Ова е уште една книга која ќе нè соочи со себе, со сопствените стравови, изговори, самонаметнати граници и откажувања, но и ќе ни покаже како да ги ослободиме сопствените потенцијали и да го достигнеме личниот максимум. Затекнат од загубата на многу блиска личност и соочен со кршливоста на животот, Коста Петров решава да напише книга-обраќање, како потсетување дека животот се живее, а не се случува. Оваа книга е силно освестување да се разбудиме и да не го земаме животот здраво за готово, туку од него да направиме искуство вредно за живеење, приказна вредна за споделување, живот по наша мера. Споделувајќи ги своите животни искуства, иницијациски предизвици, мисли и размисли, авторот ни раскажува како да се соочиме со парализирачкиот страв, со предизвиците што ни ги сервира животот, да се справиме со луѓето кои нè повредуваат. Правилото е едноставно. Ништо во нашите животи нема да се промени ако не се промениме себеси.
Нема коментари