Повикот за креативните решенија на дизајнерите за брендирање на слатко од домашно производство, од асортиманот на производителот „Јоми Фуд Велес“, што се реализира во рамки на Skopje Design Week, е отворен до 1 септември. Наградата во висина од 200.000 денари ја обезбедува Здружението на граѓани – Движење за поддршка на креативноста ИВО ЛАУРЕНЧИЌ Скопје – „Браво Сине!“, а проектот за брендирање на национални производи се спроведува во соработка со Skopje Design Week (SDW). Четвртото издание на Skopje Design Week оваа година ќе се одржи од 23 до 28 септември во Куршумли Ан.
Станува збор за конкурс за брендирање на седум видови на слатко: аронија, вишна, јагода, портокал, зелена смоква, малина и дива капина. Сите пријави испратени на интернет адресата Ivo.laurencic@bravosine.mk до 01 септември 2014 година се сметаат за примени од моментот кога ќе им биде доделена шифра од страна на администраторот. Пристигнатите решенија ќе ги разгледува жири комисија составена од претставници на Движењето за поддршка на креативноста ИВО ЛАУРЕНЧИЌ Скопје – „Браво Сине!“ и Skopje Design Week (SDW) под шифрираниот редослед. Во финалната фаза на избор ќе биде вклучен и претставник на производителот. Наградата се исплатува најдоцна еден месец по јавното прогласување на победникот.
Секој пријавен кандидат треба да е државјанин на Република Македонија, на возраст до 28 години и со поднесувањето на пријавата се смета дека ги прифаќа следниве услови за учество: Движењето за поддршка на креативноста ИВО ЛАУРЕНЧИЌ Скопје има право да ги изложува на јавни настани дизајнерските решенија (идејни проекти) поднесени од сите кандидати, со цел популаризирање на креативноста и самиот Проект за брендирање на автентични национални производи. Здружението се обврзува при изложувањето да го означи името на кандидатот кој го изработил решението. Кандидатот го задржува авторското право врз идејното решение;- Кандидатот чие дизајнерско решение (идеен проект) ќе биде наградено, ги отстапува сите авторски права на Здружението на граѓани — Движење за поддршка на креативноста ИВО ЛАУРЕНЧИЌ – Скопје;
Секој кандидат гарантира за оргиналноста на идејното/графичкото решение и ја презема целосната материјална и нематеријална одговорност за истото;
Еден кандидат поднесува еден сет на дизајнерски решенија или идеен проект;
Организаторот го задржува правото на избор на две дизајнерски решенија (идејни проекти) кои влегуваат во истиот награден фонд;
Елементи кои треба да бидат аплицирани на предложените решенија за осмислување на изгледот на амбалажата – етикети се: Името на новиот бренд за сите типови на слатко кои се предмет на задачата; Името на производителот – Јоми Фоод ДООЕЛ, Скопски пат бб, Велес; Состав: овошје, шеќер, вода; Датум на производство и Тежина во грамови
Заради оптимизација на трошоците во продукцијата (печатење) и понатамошниот процес на рачно лепење на етикетите, се препорачува креирање на дизајнерски решенија со едноставна продукциска изведба. Да се одбегнува комплицирана штанца, златна и сребрена боја, доработка на продуцираните решенија по печатење (лак во детали и сл.) Со оглед на потребата за приближување на слаткото до младата популација, се сугерира соодветен пристап за споменатата целна публика во вкупната предложена креатива – репозиционирање кон модерно и во тренд, со свеж и впечатлив пристап; Со оглед на тоа што слатката се произведуваат по традиционална рецептура, без употреба на конзерванси, производите се сместуваат во групата – вкусно и природно.
Задолжителни елементи се: осмислување на изгледот на амбалажата на сите седум типови на слатко поединечно, во иста гама на креативен пристап (сет од седум различни видови), на еден тип на амбалажа од 450 грама, со можност за понатамошна адаптација на друга величина на амбалажата.
„Јоми Фуд“ е компанија формирана со домашен капитал, основана во 2007 година. Производствениот асортиман на компанијата го сочинуваат ајвар и лутеница, пастеризирани производи од зелка и различни видови слатко. Слатката на „Јоми Фуд“ се претежно присутни на домашниот пазар (околу 80% од производството), додека помал дел од производството (околу 20%) се пласира на странски пазари. Суровините за производство на слатката се од домашно потекло (аронија, вишна, зелена смоква, малина, јагода, дива капина), со исклучок на суровината за производство на слатко од портокал.
Нема коментари