Со цел идентификација, промоција и развој на креативниот потенцијал на Балканот во домен на концептуалниот и индустрискиот дизајн, дизајн-организацијата „Јавна соба“ во соработка со „Миксер“ од Белград и ХДД од Загреб распишаа меѓународен конкурс „Млади балкански дизајнери 2014“ (Young Balkan Designers 2014). Оваа европска иницијатива е уникатана можност за македонските дизајнери да бидат презентирани со нивниот иновативен талент во светски рамки и на тој начин да ја остварат потребната комуникација и деловна соработка со производните компании. Конкурсот Young Balkan Designers е отворен до 10 март 2014, а може да се пријават лица до 35 години од следните земји: Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија, Македонија, Црна Гора, Романија, Словенија, Србија и Турција.
Учеството на македонските дизајнери во еден ваков проект ќе придонесе за развој и зајакнување на дизајн-сцената и креативните индустрии во Македонија. Со активно присуство на регионалната дизајн платформа, домашната дизајн фела добива одлична можност за надградба и зголемен пласман на странските пазари.
Меѓународно жири, со кое преседава реномираниот индустриски дизајнер Константин Грчиќ, кој овој проект го поддржува уште од самиот почеток, ќе селектира 10 до 15 победници, чии прототипови ќе бидат претставени во рамки на едногодишна патувачка изложба, којашто ќе гостува на водечките регионални дизајн манифестации како што се: Skopje Design Week, Vienna Design Week, Дан Д во Загреб, Миксер фестивалот во Белград, One Design Week во Пловдив, Klaster фестивал во Подгорица, Tirana Design Week во Тирана, на Белградскиот саем за мебел.
-Темата на овогодишниот конкурс за дизајн Young Balkan Designers е инспирирано од Ezio Manzini, кој дизајнот го гледа како катализатор на друштвените промени, и се одвива под слоганот „Секојдневни херои (Everyday heroes). Проектот Young Balkan Designers претставува повик на дизајнерски решенија со кои креаторите можат да придонесат во решавање на проблемите, како во заедницата, така и на поединецот. Покрај меѓународниот публицитет на сите селектирани дела, за трите првонаградени дизајнери организаторите обезбедија 45- дневна директна соработка со производни фабрики од регионот-велат од „Јавна соба“.
Пријавницата за овој меѓународен конкурс дизанерите од Македонија можат да ја исполнат со пополнување на онлајн формулар на http://ybd.mikser.rs/ Отворениот повик може да се најде на страната на организаторот : publicroom.org/projects/young.html.
Нема коментари