Компанијата „Еуролинк осигурување“, во рамките на својата платформа за корпоративна општествена одговорност, денеска го објави конкурсот наменет за сите поединци, студенти, ученици, универзитети, правни субјекти и групи кои сакаат својата креативност и добри идеи да ги вложат во изработка на квалитетна демо апликација наменета за паметни телефони кои работат на Андроид™ платформа.
Демо мобилната апликација треба да претставува своевиден водич низ урбаниот живот во Скопје, односно да содржи информации за културните случувања, но и за актуелните места за излегување, „афтерворк“ забави, ресторани и кафулиња, концерти и музички настани, вински и улични фестивали.
„Конкурсот има за цел да ја афирмира креативноста, а истовремено и да ги награди добрите идеи, како и да ја прошири базата на корисни апликации на македонскиот пазар за корисниците на паметни телефони од сите генерации. Токму затоа, употребливоста на апликацијата на локално ниво ќе биде еден од клучните критериуми за освојување на наградата. Очекуваме оние кои ќе аплицираат да понудат оригинални, функционални и одржливи решенија со кои новите дигитални технологии ќе ги стават во функција да помогнат во промоција на културните институции, како и за промоција на местата за забава во главниот град, за тие да привлечат поголем број на посетители“, изјави Олга Костовска, претседател на Надзорен одбор на Еуролинк осигурување.
Конкурсот е отворен од денеска и ќе трае до 15 септември оваа година, а можат да учествуваат сите физички лица, жители на Р. Македонија, како и правни лица регистрирани во Р. Македонија. Главната награда, во висина од 3000 евра, ќе биде доделена врз основа на иновативноста и оргиналноста на решението, дизајн на кориснички интерфејс и функционалност, интеграција на андроид платформата, применливост на апликацијата на домашниот пазар, употребна вредност на апликацијата за крајниот корисник, степенот на искористеност на расположливите Андроид технологиии, интеракција со социјални мрежи и перформанси на апликацијата.
За наградата ќе одлучи стручна жири – комисија, која ќе ги вреднува апликациите на основа на наведените критериуми. Поединци, студенти, ученици, универзитети, правни субјекти и групи можат да се пријавуваат со испраќање на своите лични податоци и краток опис на апликацијата на Facebook профилот на организаторот (www.facebook.com/eurolinkmk) или на e-mail адресата eurolinkblog@gmail.com Деталните информации за наградниот конкурс, како и oпштите одредби, правила и услови за учество на истиот се достапни на веб страната: www.eurolink.com.mk
Нема коментари