Регионалната конференција „Профемина 2015“, која веќе три години успешно се одржува во Белград, овој пат првпат се организира и во Македонија, во организација на македонското списание „Убавина и здравје“, на 15 декември во Управната зграда на Скопски саем. Специјален гостин и учесник на панелот посветен на темата „Колку ни е приоритетен изгледот“ е водителката Сузана Манчиќ. Тема на конференцијата е „Женското прашање во фокусот“, а во рамките на шесте панели и четирите студии ќе се дискутира на многу, главно женски теми.
Конференцијата ќе ја отвори Наде Стојилковиќ, главна уредничка на „Убавина и здравје“, а кратко ќе се обрати и претставник на Министерството за култура. Конференцијата ќе почне со темата „Со превенција до здравје“, на која ќе дискутираат професионалци од оваа област. Колку предрасудите ни го кројат животот, колку изгледот стана приоритет, како растат нашите деца, се само уште некои од темите што ќе бидат обработени на годинешната конференција.
На конференцијата ќе земат учество голем број професионалци од областа на медиумите, маркетингот, ПР-от, комуникациите, уметност, универзитетски професори и влијателни луѓе од целиот регион. Меѓу учесниците се и водителката Марјана Станојкоска, поп-пејачката Елена Ристеска, Весна Петрушевска, Ребека, Живкица, Милена Антовска, Ана Зафирова, Цаци Паковска, креаторката Ивана Кнез…
Нема коментари