Експерименталниот андергарунд арт-рок бенд LIARS кој британскиот „Гардијан“ го нарекува и „господар на ексцентричната електроника“ ќе настапи во Скопје во рамки на светската турнеја за својот нов студиски албум. Концертот на LIARS ќе се одржи на 30-ти ноември во Младински Културен Центар, а со него и официјално ќе биде означено отворањето на програмата за 19-тото издание на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ!
Оформен во 2000 година LIARS е австралиско-амрикански бенд кој во својот ексцентричен музички стил комбинира панк-рок елементи со електроника, а кој за време на своите 17 години постоење има објавено осум албуми со кои ја демонстрира сопствената трансформација од врвен претставник на современата њујоршка денс-панк сцена до експерименталната денс-електроника која доминира во нивниот звук последните десетина години.
LIARS се препознатливи по драстично различниот звук на секој свој албум, откривајќи постојано нови концепти и пристапи во творењето, но константно задржувајќи ја посветеноста на ритмичките и звучните текстури во чиј современ концепт се забележуваат и влијанијата од британското пост-панк движење од 1970-тите. Со секој нов албум тие храбро отстапуваат од нивната комфорна зона чекорат во комплетно нова музичка територија.
Со исклучок на дебитанскиот албум од 2001-ва, LIARS своите албуми ги објавуваат за една од најдолговечните независни британски дискографски куќи Mute Records, со која кариерата ја започнаа бендови како Depeche Mode, која со децении беше домот на великани како Nick Cave или New Order и во чиј каталог се запишуваат артисти од калибарот на Goldfrapp, Moby, Yann Tiersen, Einstürzende Neubauten и многу други. Бендот досега има настапувано како поддршка на турнеите на имиња како Radiohead или Interpol, додека пак славните Portishead како куратори на британскиот ATP I’ll Be Your Mirror ги одбраа токму LIARS за настап на фестивалот во 2011-та година.
Креативната моќ на овој бенд ја препознаа и музичките имиња како Devendra Banhart, Thom Yorke од Radiohead, Kazu Makino од Blonde Redhead и ред други кои изработија ремикси на нивната музика за делукс изданието на албумот „Sisterworld“ во 2010 година.
Годинава LIARS го објавија својот осми албум насловен „TFCF“ (кратенка за „Theme From Crying Fountain“) со кој бендот во рамки на светската турнеја ќе настапи и во Скопје. Албумот кој е уште една реинвенција на нивната парадигма – замаглување на границите помеѓу електронското и акустичното, помеѓу експерименталниот импулс и заразниот поп сензибилитет – е доказ дека дури и кога се случуваат превирања во составот, креативната енергија на бендот и на Angus Andrew како оформувач и единствен постојан член, останува константно моќна.
Концертот на LIARS во Скопје е настан со кој официјално ќе започне 19-тиот ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ, а чија програма ќе се протега и во наредните 10-тина дена.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари