Кадифето, кое направи голем камбек во модата оваа сезона, е еден од носечките материјали во новите колекции на светските модни куќи и дизајнери. Тој е дел и од трендовските линии и на high street брендовите, достапни на повеќето купувачи. Иако прва асоцијација за овој материјал е ретро, винтиџ имиџ сепак, со враќање на модата од 90-тите, стана најбаран и најтрендовски оваа есен-зима. Кадифето, кое нуди топлина, удобност и доза на свеченост, може да се носи преку цел ден, во разни прилики и ситуации.
Покрај класичната комбинација на кадифено палто со други зимски материјали, може да се прошири употребата и начинот на комбинирање. Најносена комбинација оваа година се кадифените фустани со прерамки врз кошула, блуза или ролка. Често овој стајлинг се дополнува и со панталони, хеланки или фармерки.
Новина оваа сезона се макси здолништата и долгите широки панталони од кадифе, кои може да се носат со кратка јакна, кошула, долг капут или со џемпер. Се комбинираат повеќе кадифени парчиња, а најносени се еднобојните комплети и костуми, кои се класика и во кои ќе изгледате секогаш елегатно. Похрабрите модни блогерки покажаа дека може истовремено да се спојат кадифени модели во различни бои.
Во посвечените прилики или за новогодишните прослави може да изберете кадифен фустан, кој може да биде во миди варијанта, со преклоп, макси, со тесен горен дел, или пак мини. Миди варијантата комбинирајте ја со високи потпетици, интересен ѓердан или крзно. Ако сакате да изгледате полежерно може да облечете и фармерки или хеланки под фустанот. Мини фустаните или здолништата од кадифе задолжително спојте ги со дебели или црни хулахопки, со кои ќе се избегне големото отскокнување на овој подебел материјал.
Иако навидум е уникатен материјал, кој тешко се комбинира, ќе се изненадите колку многу варијанти и опции има за спојување. Кадифената облека може да ја носите со плетени парчиња, тантела, со свила, џинс, со памучни , па и со светкави креации.
Наметки, кимона, палта и капути од кафифе се евергрин парче во ормарот на секоја жена. Може да ги носите повеќе сезони и во многу комбинации. Покрај облеката, есенва со оваа мека, свилена, памучна или волнена ткаенина ќе бидат обложени и модните додатоци, чантите, мокасинките, ракавиците, коланите и ѓерданите-чокери. Еве неколку идеи како може да ги комбинирате кадифените парчиња.
Нема коментари