Новата колекција на дизајнерката Ирина Тошева за есен-зима 2015/16 по прикажувањето на Моден викенд-Скопје доби и едиторијал снимен на неколку различни локации во Скопје. Фотографиите на дизајните на Ирина Тошева кои се надополнети со илустрации на признатиот ликовен уметник Ване Костуранов се на модниот фотограф Миладин Паповиќ, креативен директор е Кристина Манчева, шминката е на Виктор Мирчевски со асистентот на шминка Јована Коциќ. За фризурата беа задолжени Studio Allure. Модели се актерката Наташа Петровиќ, Фаниа Гиачо од модната агенција „Подиум“ и актерот Ивица Димитријевиќ. Едиторијалот е надополнет со накит и часовници од My Time, чорапи специјално изработени од La Damа и чевли на Chantel. Колекцијата е поддржана од Министерството за култура на РМ.
-„Дома“ е креативна рефлексија на потребата од нешто само свое. Едиторијалот претставува отсликување на повеќе приказни и моменти од ноќниот живот. Фотографската приказна е инспирирана од скопскиот ноќен живот со сите негови култни локации. Секој од нас во одреден период од животот тие простори ги перцепирал како свој дом. Таму секој од нас прославувал, припаѓал, се забавувал, се почувствувал и отсутен. Фотографиите на Паповиќ ги крадат овие моменти и ги пласираат на публиката за толкување. – изјави Тошева.
Едиторијалот е сниман во неколку познати скопски кафулиња и клубови („Љубов“, „Излет“, „Сектор 909“, „Балет“, Speakeasy и во казино „Сенатор“, а со голема благодарност до Град Скопје, SOTTO, Телеком Тренд и Порше Македонија.„Дома“ е достапна во ателјето на Тошева, наскоро на нејзината интернет страница irinatosheva.com, како и преку bastetnoir.com и asos.com. Одбрани парчиња од колекцијата ќе бидат изложени и на [SKP] PopUp Store од 29ноември до 12 декември во Берн, Швајцарија.
Нема коментари