Реалност или утопија? До кој свет полесно го наоѓаме патот? Дизајнерката Ирина Тошева, деновиве е на ,,слатки маки”. Одговорите ги побара со новата модна колекција за лето 2018, како и креативната кампања што ја осмисли за промоција на парчињата.
Некогаш можеш да ја видиш. Како светки во мракот. Како искра во туѓите очи што сјаат. Илузијата за светот каков што треба да биде. Небо со ѕвездена прашина и слатка шеќерна прекривка. Се дури благоста не се стопи, а остане горкиот вкус на реалноста. Утопија.
-Загледани во телефоните, задлабочени во мислите, итаме кон обврските и често не ги забележуваме нештата околу себе. Предизвик ми беше да презентирам дел од колекцијата во вид на герила акција, со плакати низ централното градско подрачје. Напишана беше само мојата официјална интернет страница, а резултатите комплетно ги надминаа очекувањата. Неколку дена додека тивко, без никакви објави по социјалните мрежи, траеше кампањата, веб сајтот бележеше стотици посети дневно. Уште првиот ден имав неколку закажани термини за средби во атеље. Целиот концепт можеби беше ризичен, но дефинитивно вроди со плод – изјави Тошева.
Преку маици со интересни натписи, срцеста памучна чипка со рачна доработка и тексас парчиња со љубовни принтови, носени од моделите Бојана Нушкова и Сандра Цветкова (Моделс Ин), фотосесијата е изработена во куглана „Мусандра“ во ГТЦ и Пошта 2, од фотографот Миладин Паповиќ. Шминката е на Виктор Мирчевски, фризурата на Дарко Петковски (Hairhouse), чевлите се од Chantel и патиките од SWithADot. Графичкиот дизајн е на Кристина Манчева. Уличните фотографии се на Ерина Богоева и Марјан Петковски.
Нема коментари