Кога визијата на Цаци Паковска за тоа како треба да изгледа една современа колекција на чевли ќе се спои со знаењето и технологијата на штипската компанија „Марвел“ (Marwell), добиваме серија на обувки како балетанки украсени со панделки и цветни апликации, салонки со ниски потпетици со сатенски ленти и животински принт, сандали со високи потпетици со колор-блок или металик ефект, шаренолики патики и уште многу други модели на чевли во кои се комбинираат разни стилови, бои, шари и детали. Добрата страна е што овие дизајни сега може и вие да ги носите и купите во продажните места на „Марвел“. Покрај тоа што ја дизајнираше колекцијата, Паковска се појавува како модел и стилист во промотивната фотосесија која е дело на блогерката Јована Зука. Како позната стилистка, модна авторка, дизајнерка со бројни проекти на полето на модата, убавината и архитектурата, Цаци сега влезе во нова креативна приказна за градење домашен производ, а на Stylist.mk раскажува за концептот и предизвикот да се создадат впечатливи, квалитетни и удобни чевли.
После повеќето улоги на домашната сцена поврзани со модата и убавината, најнов твој проект е креирање колекција на чевли за „Марвел“. Како дојде до оваа соработка?
-Многу работи поттекнуваат од една едноставна идеја и се случуваат онака едноставно, ненаметливо и природно. Пред само неколку месеци, идејата се претвори во прекрасен проект. Во Македонија има доста добри фабрики за текстил и чевли, кои најголемиот дел од своето производство го прават за извоз, работејќи за големите звучни имиња од модниот свет. „Марвел“ е релативно млад бренд за чевли, кој пред две години се лансирал на домашниот пазар и се произведува во својата фабрика, која зад себе има искуство во чевларската индустрија од 15 години, работејќи за едни од најдобрите брендови како што се Прада, Миу Миу, Џими Чу, Раг&Боун. Мојата визија за тоа како јас би сакала да изгледа една колекција на чевли, и неверојатното знаење и технологија на професионалците во „Марвел” се покажа како успешна формула за домашен производ кој изгледа модерно, но во исто време е исклучително квалитетен.
Од што се водеше при креирањето на колекцијата, од твоите лични преференци, актуелните светски трендови или општата слика за стилот на Македонките? Што беше клучно при оформувањето на колекцијата?
-Јас за прв пат се сретнав со еден ваков вид на дизајн, каде идеите треба да се преточат во тродимензионален производ, кој има неверојатен број на фази во производството. Чевлите се невидена мајсторија и навистина секој не би можел да ги прави. Но, велат дека чевлите предизвикуваат и неверојатна завист. Оној кој започнал да произведува чевли, без разлика на проблемите, не би можел да се откаже од нив. И навистина е така. За прв пат се сретнав со технологија и термини кои ги означуваат компонентите на чевлите, а за кои досега и не знаев дека постојат. Чевлата е како куќа, таа има своја конструкција, и треба да го издржи товарот на оној кој ја носи. А во исто време, треба да биде удобна и пријатна за носење. Се надевам дека направивме идеална комбинација на современ дизајн, одличен квалитет и неверојатен комфор. Во однос на стилот на самата колекција, таа секако дека го има мојот печат и би требало да го надополни оној стил кој во изминативе 20-тина години го градам преку мојата работа.
Од што се состои колекцијата, какви стилови предложи?
-Тоа се чевли кои јас би ги носела, или пак би ги искомбинирала правејќи стајлинг за некој мој соработник. Квалитетот на кожата од кои се изработени сите чевли, живописните бои и пред сè деталите, се она што се надевам дека ќе ги одвои овие чевли на домашниот пазар. Тие се наменети за жените кои сакаат да се поинакви и се горди на својот индивидуален стил. Колекцијата се состои од балетанки, високи потпетици и патики, но морам да напоменам дека сите модели не ги фотографиравме на самата сесија. Имаме уште многу модели, како и комбинации на бои, кои се изложени во продажните салони на „Марвел“.
„Марвел“ е македонска компанија, па колекцијата ќе биде достапна за нашата публика. Каде поточно може да се купат новите производи?
-Колекцијата ќе се продава во двата дуќани на „Марвел“, во Скопје во ГТЦ приземје, веднаш до „Интер Спорт“, како и во нивната продавници во центарот на Штип.
-Деновиве сними промотивна фотосесија во која самата се појавуваш како модел, кажи нешто повеќе за концептот и за тоа со кого соработуваше во реализацијата…
-Голема привилегија е да се соработува со некој кој ја разбира вашата естетика, а воедно и делите исти интереси и модни критериуми. Па затоа и немав воопшто дилема кога ја повикав Јована Зука да ги направи фотографиите за промотивната кампања. Можеби беше наједноставно да се одбере фотомодел за сесијата, но со Јована сметавме дека ќе биде поинтересно ако моите дизајни на чевли ги претставам во мој стил. Иако морам да кажам дека не сум тип што сака да се фотографира или пак да си прави самосликови, па поради тоа фотографиите сакавме да изгледаат спонтано и природно. Акцентот е даден на чевлите, но благодарение на комплетниот стајлинг, претставивме различни модни стилови, но сите со ист сензибилитет.
Авторка на модна телевизиска емисија, стилистка, шминкерка, сценографка, дизајнерка на облека, сега и дизајнерка на чевли, имаш ли време се сите професионални обврски и во која улога најмногу се пронаоѓаш?
-Апсолутно уживам во работата на сè ова што е наброено. Сметам дека сите овие нешта се меѓусебно поврзани дека успевам да ја направам мојата естетика препознатлива. Напорно е во истовреме да ги работите сите работи, но мене ме возбудува самоиот процес на креирање. Можноста од идеја да создадете производ кој би требало да остави некој печат позади себе, е непроценливо задоволство. Навистина е голема привилегија да го работиш она во кое уживаш.
ЦАЦИ ПАКОВСКА ЗА „МАРВЕЛ“
Фото: Јована Зука
Облека: Зап Милано
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете линк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари