Даниела Ѓуровска можеби изминатиот период повеќе ја препознававме како дел од модниот блог Fashion DNA, но во иднина ќе ја следиме и како модна дизајнерка. Дани е студентна на Технолошко-металуршкиот факултет на насоката дизајн и инженеринг на облеката, и неодамна прикажа капсулна колекција како завршен испит во рамките на студентската ревија која годинава беше на тема „Ритам“.
Капсулната колекција на Ѓуровска е насловена Marble (Мермер), и како што името наведува содржи креации во кои водечка инспирација е мермерот, како и испуканата текстура и гранки од дрво. „Тоа го доловив со сликање на материјалот со металик сива боја за текстил. Сликањето на материјалот наменет за колекцијата го сметам за свој печат исто како и ревијата минатата година. Најголемо задоволство ми е моделите да бидат претпознатливи по уникатниот принт на самиот текстил. Сакам да спојувам различни материјали во исто парче на облека. Асиметричниот крој ми е секогаш предизвик за да излезам од зоната на „комфорт“, вели дизајнерката.
Таа отркива дека при истражувањето за ревијата дошла до идеја за изработување на 3Д накит кој го заокружува целокупниот изглед на моделите, а инспирација за накитот биле модифицирани форми на гранки од дрво. „3Д принтаниот накит е нешто на што тотално се „навлеков“ и верувам дека мојата работа ќе се движи во тој правец, бидејќи штотуку започнав со изработување на 3Д спринтан накит под името Spherical Infinity во соработка со Лука Радовиќ, студент на Архитектонскиот факултет со кој заедно го изработувавме и накитот за овогодинешната ревија. На моја огромна чест по иницијатива на професорката и ментор Лидија Георгиева накитот беше на официјалната покана за ревијата“, вели Даниела.
Дизајнерката подготви и моден едиторијал за колекцијата Marble во соработка со фотографот Никола Анчевски кој живее и работи во Париз, и со моделите Ангелина Китановска, Сара Миленковска и Александра Наумова.
Дизајн: Даниела Ѓуровска/ Фотографија: Никола Анчевски/ Накит: Spherical Infinity/ Модели: Ангелина Китановска, Сара Миленковска, Александра Наумова/ Шминка: Александра Азманова/ Обувки: Chantel
Нема коментари