Дизајнерот Мите Занов ја претставува својата нова колекција наречена FEMME и наменета за есен-зима 2020/21, во која тој создава симбиоза на јавето и сонот, фантазијата и реалноста, суреализмот и реализмот. Колекцијата е инспирирана од совршеноста и строгоста на кројот на машкиот костум, прикажан на женска силуета и во форма на женска облека.
FEMME е деветта колекција по ред на неговиот бренд ZANOV и затоа симболично соддржи 9 изгледи составени од повеќеслојни парчиња, кои меѓусебно се длабоко поврзани, а од друга страна се тотално различни и претставуваат различни карактеристики на една жена (femme).
-Едната е фатална, другата е нежна, третата е храбра, четвртата е елегантна, петтата е строга, а всушност сите заедно, ги поврзува еден збор… FEMME! Инспирацијата покрај во машкиот костум, ја најдов и во 30-тите и 40-тите години на 20-от век и во подемот на филмската уметност, модата, фотографијата, танцот и музиката. Од големо значење се и многубројните движења кои се појавуваат токму во тие години после Втората светска војна, а едно од нив е и движењето FEMME кое се бори за правата на женските „квир“ индивидуи. Не случајно е дури и што секој од изгледите е насловен по жени – икони од тој период, кои оставиле длабок траг во историјата на филмската уметност и лично за мене претставуваат неисцрпна инспирација. Материјалите во колекцијата се внимателно одбрани, меѓу кои преовладуваат потешки и зимски материјали, соодветни за костуми, како штоф, волна, сомот, кадифе, чоја, а исто така се употребени и еко кожа, шантунг свила, памучен сатен – вели дизајнерот.
Занов открива дека колекцијата има поширок дијапазон во однос на игрив колорит, вклучувајќи ладни бои како нијанси на зелена, сина, петролеј, тиркизна, нијанси на розева и виолетова и неизбежно црна и бела боја. Впечатлива е и употребата на принт во одредени парчиња – принт со цветови, варијации на потенки и пошироки линии, а исто така се забележува и препознатливата рачна доработка. Во колекцијата е застапен одреден асортиман на дизајни и модни парчиња, со ставен фокус на сакоа, панталони, мантили и капути, а исто така присутни се и корсети, фустан, комбинезон и топ – ролки. Целосната слика на изгледите ја надополнуваат и рачно изработените ракавици, а за прв пат ZANOV прикажува и украси за глава, како капи со текстура од пердуви, како и перики од реси.
Фотографија: Антонио Станков/ Модел: Софија Симоноска (Моделс ИН)/ Шминка: Миа Араби/ Фризура: Елена Николовска (Social Hair Salon)/ Чевли: Viktor Chevignon/ Асистент на фотографија: Мартина Шалова Чешновар/ Благодарност до: Димитар Бабков, Маја Аурета, како и до Перо Костадинов и Општина Валандово
Нема коментари