Дизајнерката Тања Кокев ќе одбележи 10 години модно творештво на ревијата закажана за утре, 12 април, со почеток во 20 часот на големата сцена во Македонскиот народен театар, кога ќе ја претстави својата најнова колекција пролет-лето 2016 под наслов „Под тосканското сонце“. Ревијата всушност отскокнува од рамките на класично претставување и е замислена повеќе како моден перформанс, каде на сцената ќе биде сместена и публиката и моделите, а е во режира на Дејан Пројковски. Ова е втора соработка меѓу дизајнерката и режисерот, првата се случи во ноември минатата година, на претставување на претапорте колекцијата во „Куршумли ан“. За изборот на музика е задолжен веќе искусниот Костадин Шурбановски – Шурбе.
-Ќе се обидеме да доловиме дел од Тоскана и секојдневниот живот низ улиците на малите италијански гратчиња. Колекцијата се состои од свежи летни бои, комбинирани со контраст од црни темно зелени и темно сини нијанси, со кроеви на лелеави здолништа и романтично заводливи горни делови. Никогаш не сум имала особена таргет публика. Креирам за девојки и жени на кои им се допаѓа стилот на Кокев, кои бегаат од секојдневната униформираност и ја потенцираат својата индивидуалност. Чевлите пак, еве веќе втора сезона по ред ги изработувам во Италија, целосно од кожа и со заштитниот пурпурен ѓон. Боите на чевлите го следат колоритот од колекцијата и ја заокружуваат целата приказна – вели Кокев.
Веднаш по ревијата предвидена е концептуална коктел забава за гостите, под наслов „Мулен Руж“ со црн и црвен дрес код. За музиката врзана со темата ќе се погрижи диџеј Илина Ангеловска. Дизајнерката за инспирација ги зема нејзините омилени земји Италија и Франција, кои најчесто ги посетува изминативе 10 години.
-Она што го има Италија, го нема Франција и обратно. Се восхитувам на менталитетот на овие народи, кои покрај тоа што се вредни и посветени на работата, секогаш наоѓаат време за хедонистички задоволства, врзани со уживањето во храната и уметноста на облекувањето… Искрено се надевам дека мирисот и вкусот на овие две земји ќе успеам да ги пренесам преку оваа колекција. Тоа мое интимно и романтично доживување на овој менталитет, сакав некако да избие на површина. Моите колекции секогаш тежнеат кон романтичното и заводливото. Иако, одамна се трудам да соберам храброст и да направам една посекси колекција. Сепак, се уште на тоа поле не се осмелувам, па затоа се одлучив со забавата „Мулен Руж“ и францускиот ноќен живот да покажам и една друга страна на Кокев – објаснува дизајнерката.
Нема коментари