На почетокот на месецов во њујоршкиот музеј Метрополитен беше отворена големата изложба посветена на јапонската модна дизајнерка Реи Кавакубо од брендот Comme des Garçons, а на иложбата претходеше Мат Гала, настанот кој се смета за најголемата и најизвиканата модна журка во годишниот календар на познатите. Но, интересно е што на главната фотографија од најавата на изложбата на Кавакубо се појавува една манекенка што и ние ја препознаваме – Јелена Ивановиќ. Белграѓанката Јелена во 90-тите години беше успешна манекенка на светската сцена, а ние ја знаеме како сопственичка на модната агенција Model Scouting Office и важна личност за интернационаниот успеџ на нашите Катарина Ивановска, Елена Трајановска и Мартина Павловска.
Јелена своевремено доста соработуваше со Реи Кавакубо и често се појавуваше на нејзините модни ревии, а фотографијата од изложбата е од една фотосесија направена во 1996 година со фотографот Паоло Роверси. Фотографијата толку им се допаднала на луѓето од Институтот за костими при музејот Метрополитен и од магазинот Vogue, што ја одбрале како главен имиџ за изложбата.
-Како млада манекенка на почетокот на својата кариера во странство, бев избрана заедно со уште еден модел за ревија на Реи Кавакубо за Comme des Garçons во рамките на модната недела во Париз. Бевме избрани меѓу 1.000 модели. Отидовме во Париз, каде што се случи уште едно изненадување. Дизајнерката одлучи токму јас да ја отворам ревијата, бидејќи на пробата забележала дека нејзините креации на мене дишат, оживуваат. А тој впешаток што ѝ го оставив на Кавакубо е најважениот – изјави Јелена за српскиот портал Žena.
Таа ревија е воедно и почеток на нејзината неколкугодишна успешна интернационална кариера, а подоцна Јелена и Реи повеќепати ќе соработуваат. Јелена исто така открива дека во ноември минатата година ја контактирале од музејот Метрополитен и побарале дозвола да ја искористат нејзината фотографија за најава за големата изложба.
-Горда сум што на овој начин сум придонела за сеопфатниот омаж на работата и делото на Реи Кавакубо. Фотографијата на која сум јас во младите, манекенски денови произлезе од соработката со еден од најпознатите модни фотографи Паоло Роверси. Самата фотографија е како сликарско дело, а направена е со аналоген старински хармоника-апарат и на неа нема никаква фотошоп доработка. Уште тогаш модните критичари го прогласија за уметничко дело – вели Јелена за Žena.
На својот Инстаграм профил Јелена има објавено и фотографии од нејзината посета на изложбата во Метрополитен во Њујорк. Јелена живее во Белград и преку својата агенција Model Scouting Office пронаоѓа и се грижи за кариерата на модели од регионот. Повремено доаѓа и во Скопје на кастинзи што се прават во соработка со нашата модна агенција „Моделс ИН“, меѓу кои и за регионалниот избор на „Лице на годината“, од кој победничката заминува на светскиот избор Look of the Year.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете линк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари