Познатата фотографка Роксен Ловит во својата кариера имаше можност да фаќа моменти зад сцената на најпознатите светски модни ревии, особено соработуваше со францускиот дизајнер Ив Сен Лорен и од 1978 до неговата последна колекција за својот бренд во 2002 година, таа фотографираше ретки моменти поврзани со него и неговото модно творештво. Денес Ловит се потсетува на посебната аура на легендарниот дизајнер со објавување на книга со фотографии посветена и наречена едноставно „Ив Сен Лоран“. Цели 24 години таа фотографираше портрети на Ив, неговите модни ревии и зад сцената на модните настани на дизајнерот.
-Тој имаше аура што никој не можеше да ја пробие. Со мене се чувствуваше многу удобно – се сеќава фотографката за блискоста со Сен Лоран кој ретко комуницираше со луѓе надвор од неговиот социјален круг. Таа дури успеа да го фотографира насмеан во неколку различни пригоди. Тој или беше во своето ателје облечен во бел мантил како да е во некоја хемиска лабораторија, или беше дотеран за вечерно излегување во друштво на интересни дами што тој ги претпочиташе како Дајан Вриленд и Нен Кемпер.
Книгата „Ив Сен Лоран“ на Ловит содржи стотици фотографии, предговорот е на Пјер Берже, долгогодишниот партнер на дизајнерот, а ќе почне да се продава во ноември оваа година. Монографијата е само уште еден проект посветен на наследството на покојниот француски дизајнер, меѓудругото годинава се појавија два биографски филма, „Ив Сен Лоран“ од Леспер и „Сен Лоран“ од Брунело.
-Уште кога првпат го запознав сакав да направам нешто за него, бидејќи толку многу му се восхитував. Тој направи толку многу „први“ работи во модата и го промени начинот на кој жените се облекуваат – вели Роксен за интимните фотографии направени во рок две и пол децении. Покрај самиот Сен Лоран, фотографирани се повеќе познати личности како Кејт Мос, Џери Хол, Карл Лагерфелд, Грејс Џонс, Палома Пикасо, Луси де ла Фелаз и Кетрин Денев.
Нема коментари