Креативниот директор на „Балман“ Оливие Рустенг се одлучи за супер кастинг со супермоделите Клаудијa Шифер (45), Синди Крафорд (49) и Наоми Кембел (45) во новата кампања на париската модна куќа. Оригиналните супермодели носат креации од колекцијата за пролет-лето 2016 на „Балман“, а црно-белата фотосесија ја направи Стивен Клајн. Дизајнерот Рустенг признава дека како тинејџер се восхитувал на овие жени, не само поради нивнот изглед, туку и на начинот на кој тие ја донесоа модата во мејнстрим културен контекст.
-Уште кога бев тинејџер во Бордо се одушевував и инспирирав од супермоделите. Овие жени за мене беа буквално сè! Постојано зјапав во нив, на телевизија и во видеоспотовите, во списанијата и во рекламните кампањи. Уживав гледајќи ги како шетаат по пистата. Тие ја направија модата релевантна, онака како што се музиката, филмот и спортот релевантни за поп културата. Тие се многу повеќе од модели, тие се силни деловни, а во исто време и семејни жени, што за мене е многу инспиративно – вели Оливие и открива дека откако работи за „Балман“, многу е вообичаено да има слики од Шифер, Крафорд и Кембел на својот „мудборд“ како инспирација за колекциите.
Тоа што ги има манекенкските ѕвезди како заштитни лица на кампањата на „Балман“, разбирливо дека значи многу за Оливие и признава дека не е претерување ако каже дека работата со овие три неверојатни жени за него е остварување на сонот. Клаудија, Синди и Наоми за него се икони, живи легенди, суперхерои, жени кои на неверојатен начин успеаја толку долго да го одржат статусот на супермодел и понатаму да бидат на врвот на модната сцена.
Нема коментари