Сите имаме некој омилен пар на чевли, во кои се чувствуваме истовремено удобно и убаво, и кои ги носиме повеќе години. Иако е филмска ѕвезда, од која се очекува секогаш да изледа ново и поразлично на црвениот килим, Кирстен Данст, покажува дека е практична жена, како повеќето, и дека комоцијата ѝе најважна. На црвениот килим на неодамнешните Оскари се појави во комплетен винтиџ имиџ. Покрај тоа што носеше црн раскошен фустан кој Кристијан Диор го има креирано во 1952 година за својата тогашна есенска колекција, таа на себе ги имаше и постар модел на чевли со потпис на Christian Lacroix. Станува збор за црните обувки на висока потпетица со ременче околу глужд, шпицаст врв и цвет, кои очигледно се омилени на Данст.
Таа ги има носено во десетина други прилики на црвениот килим. Во нив била на „Мет Гала“ во 2007 година, ги има носено и на премиера на Les Bien-Aimés во 2011 година, лани со нив беше на добротворниот настан amfAR Cinema Against AIDS, како и на Филскиот фестивал во Кан, а на почетокот на годинава ги носеше двапати за време на Париската модна недела.
Ова не е првпат Данст да се навраќа на исто парче облека за својот изглед на црвениот килим. Неодамна светските модни медиуми беа изненадени, но и одушевени од нејзината одлука да носи ист фустан повеќе пати на црвениот килим. Имено, на настан во јануари во Париз се појави во краток винтиџ бел фустан од тантела со потпис на Christian Lacroix, кој пред 13 години го носела на оскаровската забава на Vanity Fair. Со ова покажа дека некои фустани може да се рециклираат и носат одново. Таа не е единствена ѕвезда што им се навраќа на омилените креации повеќе пати. Ваква пракса имаат и Кејт Мидлтон, Ана Винтур, Сара Џесика Паркер, Викторија Бекам, Кира Најтли, Ева Мендес, Мишел Обама, Наоми Кембел, Барбара Волтерс, Лејди Гага, Шер, Кралицата Летиција од Шпанија и Мерил Стрип.
Нема коментари