Удобноста и лежерноста треба да бидат приоритет во летната мода, дури и во официјалните прилики и во вечерниот изглед. Потребата од заштита од високите температури и штетните сончеви зрачења ги поттикнува креаторите и модните куќи секоја сезона да лансираат по некој модел што истовремено ќе биде шик, трендовски и секако, корисен.
Кимоното одамна не е само модел што влегува во азсикиот фолкор, креација за сокривање на вишокот килограми, ниту дизајн што се носи само дома. Благодарение на иновативнота на модните блогери, стана дел од секојдневниот изглед. Ова лесно го прифатија компаниите што произведуваат висока улична мода, и тие што креираат кежуал парчиња, па така во летните линии минатата година и оваа може да се погледнат различни варијации на тема кимоно.
Како тренд, кимоното се наметна со оживување на бохо-стилот и враќање на имиџот од доцните 60-ти и раните 70-тие, т.е. варијациите на хипи-модата. Од првичната, класична, форма создадени се многу нови верзии, со поинакви материјали, дезени и кроеви. Најзастапени се кимоната со со должина до половина , со широки три-четврт ракави и цветен дезен. Но има и еднобојни модели, или такви со подолг крој. Едни од најбараните се тие со реси.
Покрај удобноста ова парче облека нуди и голема стилска слобода, а тоа најмногу се гледа во решенијата што се „уловени“ на улиците на поголемите модни центри. Блогерите и љубителите на модата кимоната ги комбинираат на најразличен начин: со едноставни сечени фармерки или шорц со бела маичка по прерамки, со шарени здолништа и кошули…па сè до свечени стајлизни со молив здолништа или панталони. На едноставните, навидум безлични секојдневни парчиња облека им дава нов идентитет, уникатен и модерен, а строгите бизнис-креации им вдахнува урбаност.
Нема коментари