Британскиот принц Вилијам и неговата сопруга Кејт Мидлтон (кои ги носат титулите Војвода и Војвотка од Кембриџ), ја започнаа официјалната посета на Индија во Мумбаи и оддадоа почит на земјата домаќин преку облеката. Тоа особено се забележува во модниот избор на војвотката која по слетувањето во Индија се појави во колоритен комплет со впечатлив кашмирски принт од Александар Меквин. Нешто подоцна со Вилијам беше на спортски настан и прошетка низ Мумбаи. За таа пригода Кејт облече фустан на познатата индиска дизајнерка Анита Донгре (кој според дизајнерката е креација инспирирана од туника од перидот на Мугал империјата и има мотиви од Џајпур), и го дополни со лежерни чевли со полна пета од Monsoon и обетки во етно стил од брендот Accessorize, кои како што известуваат британските медиуми чинат само 8 фунти.
Индиските домаќини организираа и свечена вечера во Taj Palace Hotel за Кејт и Вилијам на која се појавија повеќе познати личности од тамошниот јавен живот и најголемите боливудски ѕвезди. А Боливуд беше инспирација и за стилот на Кејт – за таа пригода облече индиго-син фустан од Џени Пекам, кој изгледа како модерна верзија на анаркали-стилот на облекување, а стајлингот го дополни со тегет обетки од индискиот јувелир Амрапали. Во сите комбинации Кејт изгледаше соодветно за пригодите, колоритно и разиграно како самата Индија, и со почести на индиската иконографија и на локалните дизајнери. (К.Т.)
Нема коментари