По подолго отсуство од модната сцена дизајнерката позната по рачноизработените и плетените парчиња облека и накит, Катерина Микрут, која стои зад етикетата MikkaDesign, ја претставува својата нова колекција пролет-лето 2016, инспирирана од индустријал-стилот.
-Како секогаш исто и овој пат главната инспирација за креирањето се самиоте материјали и експериментирање со нивните комбинации и прмена. Не можам да го замислам саботното претпладне без да отидам во Старата Скопска Чаршија и просториите на Бит-пазар. Секогаш наоѓам нешто интересно за да ми послужи во понатамошната работа. Мојот начин на креирањето е пред сè експериментирање со материјалот-вели Катерина.
Покрај природните материјали, лен, памук, кожа, во новата колекција користи синтетички како и индустриски материјал – проѕирни црева, пластика, штрафови, метални делови.
-Од самиот почеток сум препознатлива по рачна изработка бо креациите, пред се плетењето. Исто и во оваа колекција се појавуваат плетените доработки покриени со проѕирните црева и транспарентни материјали, како континуација на линијата „knitted solutions”. Со овие решенија плетивото се трансформира во современ производ со футуристички црти-вели таа. Покрај облеката изработува чанти, накит, колани и други аксесоари.
Во последно време како резултат на соработката со талентираниот чевлар Исмет Ајруллаху, меѓу во колекцијата има и редизајнирани кондури.
- Традиционалните техники кои ги користи мајстор Исмет ме инспирираат да ги комбинирам со други материјали карактеристични за моите креации – транспарентни црева, материјали, плетени делови што резултира со уникатни редизајнирани обувки, за кои планирам некогаш посебна изложба-додава таа.
Нејзините модни додатоци, чанти и накит може да се најдат во концептуалната продавница во „Јавна соба“, додека облеката и редизајните чевли ги изработува по нарачка. Деновиве изработи фотосесија со дизајнерката на накит Еми Норис, која се јавува како фотограф.Новите креации редовно ги преставува на својата страница на Facebook/MikkaDesign.
Нема коментари