Наоѓајќи убавина во облаците и сите нијанси на сивилото на градот, модната креаторка Катерина Микрут ја создала својата нова колекција Cloudy city за сезоната пролет-лето 2014. Линијата, која содржи 18 креации, ќе биде претставена в петок со ревија во рамките на настанот Fashion Month Skopje во Кафе „Стоби“, ГТЦ, со почеток во 21.30 часот. Микрут, која работи под етикетата Mikka Design, е позната по уникатните рачно плетени и везени парчиња облека и модни додатоци.
- Колекцијата ја правев сама од почетокот на јануари оваа година, сè до денес. Многу труд и многу задоволство понекогаш преплетени со чуство на демотивација поради финансиските пречи. Но сепак сум задоволна од резултатот, зашто во тие услови дадов сè од себе. Се надевам и планирам да продолжам понатаму со колекциите на наредните сезони… Инспирацијата за новите модели ја црпев од облаците во градот. Самата колекција е многу поврзана со мојата личност, зашто не сум обожавател на Сонце и прекрасно се чуствувам во урбана средина. Инспирацијата го донесе и спојот на тежината на урбаната средина со индустријалните елементи со леснотијата, подвижноста и минливоста на облаците. Овој спој го одразуваат креациите во кои претежно долниот дел на облеката (хулахопки, здолништа, панталони, чорапи) на некој начин се илустрација на урбаниот пејсаж додека горните делови (блузи, маички, елеци, фустани, накит) потсетуваат на облаците со сите нивни својства-вели креативката од полско потекло, која подолги години живее и работи во Македонија.
Во колекцијата се застапени само неколку бои: црна, сребрена, сива како слика на индустриален карактер на урбаната средина и светла сина во спој со неколку други нијанси на облачно небо- бела, светла сива, пастелно розова. Во некои парчиња нијансите на бои од облачното небо се прелеваат.
-Колекцијата ги користи многу елементи на рачна изработка, има и рачно плетени парчиња, а овој пат си дозволив експериментални парчиња плетени од многу тенок рибарски конец за шиење. Од техниката успеав да добијам „слика“ на облаци со целата нивна нежност и минливост…со многу труд – време потребно да се сплете едно здолниште од ваков материјал е приближно месец дена. Индустријален карактер на урбаната средина е најчесто изразен преку пачворк техники на шиење од разни парчиња материјали – ефектот ме потсетува на структурата на градскиот пејсаж, прозори на згради итн, апликации од сребрена кожа и проџирен пластичен материјал во геометриските форми. Исто така има рачно сликани парчиња облека што го претставуваат погледот на некој град – вакви цртежи има неколку – на хулахопки, чорапи, маички, кошули-објаснува Катерина.
Колекцијата е наменета за жени сигурни во себе си што сакаат да експериментираат со стилот, за кои облеката е делот од начин на живеење и секојдневен предизвик и авантура.
-Парчињата не се поврзани конкретно со некои трендови. За мене модата не се само свечени парчиња, сакам да ја вметнам во секојдневен живот на една жена- прошетка низ градот, излегување со куче, во продавница, на кафе, на факултет и работа (додека местото не ограничува со дрес код). Парчињата се претежно секојдневни, но со авангардна нота, се базираат на едноставни кројки а инспирацијата е изразена преку разни техники на рачна изработка и боите. Повеќето парлињата од колекцијата имаат можност да се мењнуваат измеѓу себе и во рамки на колекцијата може да настанаат многу повеќе од 18 креации. Исто така може да фукционираат и надвор од колекцијата во комбинации со другите парчиња. Во колекцијата ги користев памучните материјали, памучен конец за рачно плетење, жоржет, свила, кожа и пластика.
По ревијата Скопје Катерина планира да ги промовира моделите на Модната недела во Битола. Вели дека нема да се претстави на Моден викенд-Скопје поради финансиски причини. Колекцијата ќе биде достапна во ателјето Hard to explain во Старата скопска чаршија, со кое соработува една година.
-Локацијата е препознатлива по плетена бандера пред студиото – мојот мал придонес за urban knitting во Скопје. На почетокот на април планирам исто така професионална фотосесија со моите незаменливи Лени вон Гелева (фотораф) и Милена Атанасова (модел). Исто така планирам да овозможам купување преку мојата веб страна mikkadesign.com каде што досега можете да ја погледнете мојата досегашна работа, а во април ќе ја раширам страницата за апликацијата за онлајн купување-вели таа.
Нема коментари