Дизајнерот Игор Марков, супермоделот Катарина Ивановска и фотографката и стилистка Јована Зука креативно се здружија на овој едиторијал во кој главната улога ја има една креација препознатлива за Марков – асиметрично вечерно сако. А мотивот на фотоприказната е да се прикажат пет различни начини како да се комбинира ова жар црвено сако од италијански кадифен памук, со формална смокинг-јака, свилена постава и со едната страна на сакото потполно отворена.
Фотосесијата е направена едно сончево попладне во Скопје во неочекувано дождливиот јуни. Според Игор и Јована прекрасната Катарина совршено ја отелотворила жестоката жена на Марков, носејќи ги петте различни стилски погледи со едно парче облека кое е ѕвездата.
- Имам опсесија и непрестана романса со смокинг сакоата уште откако првпат облеков едно такво. Верувам дека структурираното, беспрекорно скроеното вечерно сако е најсензуалната и безвременска облека. Кога првпат го видов завршеното асиметрично сако, знаев дека го креирав моето препознатливо модно парче – вели Марков.
Ова асимтрично сако е едно првите креации дизајнирани и развиени од страна на Игор, а на кое тој работел месец и пол. Процесот вклучувал усовршување на креацијата на манекенска кукла, па потоа бројни фитинзи на манекенка, со цел за да се постигне совршен крој кој ќе ја нагласи половината и ќе се обвие околу телото.
Поради должината сакото освен во примарната улога може да се носи и како фустан. Во овој проект Марков и Зука ја претставуваат манекенката Катарина во различни стајлинзи и начини – женствен, авангарден, андрогин, гламурозен, формален, малку панк, користејќи машка кошула, свилен фустан под сакото, панкерски кожен елек, класична бела кошула, бисери и кристали, разни чанти, мокасини и високи потпетици, играјќи си со различни пропорции за да се добијат безброј опции кои ја нагласуваат убавината на ова непредвдливо модно парче.
Дизајн: Игор Марков/ Модел: Катарина Ивановска/ Фото: Јована Зука/ Шминка: Игор Марков
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари