Козметичкиот гигант „Авон“ во Македонија е присутен 10 години, а од тукашната канцеларија на компанијата, размислувајќи за јубилејот, сфатиле дека време е да изберат заштитно лице кое ќе ги промовира и престатвува производите на вистински начин. Изборот паднал на Каролина Гочева, нашата најпозната музичка ѕвезда, инспиративна и успешна, комплетно изграден музички бренд. Преку заедничката соработка „Авон“ и Каролина прават спој на два големи бренда. А соработката што ќе се однесува на перодот од септември 2015 до септември 2016 година е планирана со месеци, во мај Каролина сними промотивни фотографии во Варшава, Полска, потоа пред неколку дена објави фотографии на социјалните мрежи, а денес на средба со медиумите во Sky Bar во хотелот „Русија“ официјално пејачката е претставена како заштитно лице на „Авон“ за Македонија.
Дана Стојкова, национален менаџер за продажба на „Авон Македонија“, и Бисера Банова, специјалист за односи со јавност во компанијата, најавија два дела од соработката. Првиот, се однесува на премиум парфемот Attraction, во верзија за неа и за него, а вториот, на промовиње на линија на декоративна козметика Luxе.
- Среќна сум што ќе соработувам со компанија како што е „Авон Македонија“ и што ќе ги приближам нивните производи до македонските жени. Уште кога ги почнавме преговорите запознав успешни, професионални и креативни жени со кои е задоволство да работиш. Во мај во Полска направивме и фото-сесија за премиум-парфемот Attraction на која се чувствував како вистинска ѕвезда. Дел од фотографиите веќе беа споделени во медиумите и на социјалните мрежи, а со задоволство можам да кажам дека следуваат уште многу изненадувања и активности – изјави Каролина на денешната прес-конференција по што беше емитувано видео со материјали од зад сцената од сесијата во Полска – рече Каролина на средбата.
AVON постои 129 години во повеќе од 100 земји низ целиот свет и за оваа компанија отсекогаш било практика да соработува со познати личности од различни сфери.
- По 10 години работа во Македонија нашиот пазар е созреан за да почнеме соработка со локална ѕвезда. Слободно може да се каже дека Каролина е бренд кој таа го гради веќе 20 години. Скромна, духовита и секогаш верна на себеси и на тоа што го прави. Вистинска дама која е репрезент на приказната на „Авон Македонија“. Во првата етапа Каролина ќе ги претстави премиум-парфемите кои ќе се појават во продажба во септември, а потоа и премиум брендот за декоративна козметика Luxe. Додека во 2016 година ќе следуваат уште многу изненадувања за кои сега е рано да зборуваме – изјави Дана Стојкова.
Стојкова истакнува дека за многумина Каролина е инспирација.
- Тоа е поради нејзиниот уникатен пристап на градење кариера врз основа на квалитетите кои ги поседува, но и во пристапот на развивање на еден софистициран женски стил. Каролина е најпрестижниот уметник во Македонија и се гордееме што е дел од нашиот тим – вели таа.
Пејачката, која отпеа дел од најпознатите рефрени на нашата музичка сцена и компанијата која со години поставува стандарди во козметичката индустрија, најавуваат многу изненадувања.
- Ова е прва ваква голема соработка на „Авон Македонија“ со јавна личност и нè очекува период исполнет со многу активности, настани, патувања, фото-сесии, големи кампањи. Како компанија за директна продажба, нашата брошура е и нашата најсилна продажна алатка, па токму затоа Каролина ќе се најде пред сè на нејзините страници, а понатаму секако и во дел од маркетиншките активности на „Авон“ – вели Бисера Банова, специјалист за односи со јавност на „Авон Македонија“.
Во периодот на 2013-2014 година, компанијата потпиша договори и со неколку други познати македонски дами: модните дизајнерки Антонија Ристовска и Росица Мршиќ и стилистката Васка Леонтиќ. Нивните професионални совети и препораки се најдоа на страниците на брошурите на AVON, меѓутоа соработката со Каролина Гочева е новитет и од аспект што ова е првпат еден глобален бренд од ваков ранг да склучи договор со вистинска македонска ѕвезда на локално ниво.
Во текот на 129-те години постоење на интернационалната компанија, голем број светски познати личности беа и сè уште се заштитни лица на линиите на овој козметички гигант. Од нив може да се издвојат: актерите Салма Хајек, Рис Витерспун, Кортни Кокс, Патрик Демпси, Жаклин Бизе, Мила Јововиќ, Оливија Вајлд, Меган Фокс, потоа мегапопуларната пејачка Ферги, светски познатата тенисерка Марија Шарапова, супер-моделите Амбер Валета, Јасмин Ле Бон, како и актуелниот глобален амбасадор за убавина и топ модел, Ирина Шајк.
Нема коментари