Актерката Мерил Стрип наводно одбила да носи тоалета на „Шанел“ на доделувањето на Оскари в недела, откако нашла моден бренд што ќе ѝ плати за појавувањето на црвениот килим во нивна креација. Ова го откри Карл Лагерфелд, креативниот директор на „Шанел“, кој смета дека Мерил покажала колку е скржава со овој потег. Актерката нарачала сив фустан од последната couture колекција на „Шанел“, побарала да се направат исправки и повисоко деколте.
-Направив скица и почнавме да работиме на фустанот – изјави Лагерфелд за WWD.
Но, неколку дена подоцна се јавиле луѓето од тимот на Стрип и побарале да ја сопрат работата на фустанот, затоа што нашле некој што ќе ѝ плати на актерката. Ова го налутило Лагерфелд, бидејќи „Шанел“ не им плаќа на познатите личности, дури и на оние најпрофилираните, за да овие ги носат креациите на брендот, иако самите креации чинат многу.
-Откако ѝ поклонивме фустан што чини 100.000 евра, дознавме дека треба ние дополнително да платиме затоа што таа ќе го носи нашиот фустан. Им ги поклонуваме фустаните, ги креираме фустаните на наш трошок, но не плаќаме за да ги носат. Генијална актерка, но малку евтина, не? – вели Лагерфелд.
Дизајнерот нагласува дека не ѝ се лути на Стрип, таа може да го добие фустанот иако нема да го носи на „Оскари“.
-Таа може да го задржи фустанот бидејќи е нејзин број. Фустанот е couture, совршен за неа – вели Карл.
Вообичаено славните личности и модните куќи за настани како доделување на Оскар и други ексклузивни свечености прават соработка која се однесува на позајмување или подарување на скапа креација, но познатите не добиваат паричен надомест на база на рекламирање на брендот. Тие добиваат бесплатен фустан кој чини илјадници евра, модниот бренд реклама. Што ли си мислела Мерил кога побарала пари?! Веројатно, треба познатите сами да си ги купуваат фустаните, накитот и чевлите за на црвен килим, па да видиме колку и како би потрошиле.
Нема коментари