Хип-хоп ѕвезда, позната личност со огромно его, сопруг на Ким Кардашијан, Канје Вест себе си сосема нескромно се нарекува уште музички гениј и „најдобриот артист на 21. век!“, а во последно време функционира и како моден дизајнер. За многумина само уништувач на модата, кој неосновано веќе втора сезона по ред бара од другите, „вистинските дизајнери“, да го сменат распоредот на Њујоршката модна недела за да ги удоволат неговите планови и потреби.
Канје знае како да привлече публика и да направи фама, што се виде и од вчерашното претставување на новата колекција Yeezy Season 3 направена во соработка со Adidas и истовременото преслушување на неговиот нов албум The Life of Pablo. На стартот на Њујоршката модна недела тој собра публика од околу 20.000 посетители во Медисон сквер гарден и во 90-минутен моден маратон ги претстави новите Yeezy креации во кои за разлика од минатите колекции вметна повеќе боја.
Во публика беа Кардашијан-Џенер кланот, уредничката на Vogue Ана Винтур, дизајнерот Оливие Рустенг, рапери и хип-хоп ѕвезди, а на сцената се случи перформанс склопен заедно со Венеса Бикрофт. Десетици црномурести модели се појавија на висока платформа откако се отвори огромниот шатор и мирно стојат или седат облечени во новите дизајни – колоритни и футуристични парчиња кои се во духот на спортската и уличната мода, додека се преслушува новата музика на Вест. Ѕвезди на перформансот се Наоми Кембел, Вероника Веб и Лија Кебеде кои во еден момент се појавуваат во црни хеланки и долги бунди.
Моделите и статистите на сцената, сите црномурести, поделени се во групи на мажи и жени, и во еден момент стојат на платформата, како оние фотографирани од Пол Лоу во 1995 година за време и геноцидот на Руанда. Таа фотографија се наоѓа и на поканата за шоуто, со што Канје сака да го сврти вниманието на денешните политики и проблемот со бегалците. (К.Т.)
Нема коментари