Kултната скопска радио-станица „Канал 103“ по повод 25 години од своето постоење организира голем музички фестивал кој ќе се одржи oваа сабота (14. мај), на три сцени во Младинскиот културен центар (МКЦ). Покрај мноштвото бендови, артисти и диџеи од македонската независна музичка сцена, централно место ќе има настапот на легендарниот американски/британски бенд Psychic TV. Истовремено, во галерискиот простор на МКЦ, ќе биде отворена изложбата „25 години Канал 103“ поставена од академскиот сликар Атанас Ботев со која се истражува историјата на македонскиот рокенрол во контекст на 25-годишното постоење на „Канал 103“ како два клучни (суб)културни патокази во современата македонска историја. Psychic TV се оформени во 1982 година, на трагите од култниот индастриал бенд Throbbing Gristle, а како продолжение на музичката фантазмагорија на неповторливиот/неповторливата Genesis P-Orridge. Се работи за можеби најмаркантната фигура на андерграунд сцената во 20/21-от век, културен инженер и арт провокатор кој ги помести границите на современите музички сфаќања и пракси до точка во која музиката, експериментот, авангардниот арт и древните ритуали креираат крајно возбудлив паралелен уметнички универзум. Во период од 34 години, колку што постојат Psychic TV, издадоа приближно исто толку музички изданија во кои фасцинира постојаната трансформација и жанровската разновидност во иновативни преплети од рок-психоделија, поп-деконструкција, индастриал атмосфери, модерни денс битови и експериментални звучни пејсажи. Нивниот актуелен албум “Snakes”, издаден во 2014 година, се најде во потесниот избор за албум на годината на голем број релевантни музички медиуми, вклучувајќи го и оној на „Канал 103“. -Psychic TV во Скопје е многу повеќе од уште еден музички концерт. Ова е јасен општествено-политички коментар на нашата грда стварност, крајно неопходна и во лице изразена „културно-уметничка“ субверзивна порака и гест на надеж и можен патоказ за сите отворени и слободни умови чие време доаѓа. Тоа, впрочем, е и обврска на „Канал 103“ која веќе четврт век претставува симбол на независната и слободна мисла и клучен промотор на прогресивна музика, авангардната уметност и култура воопшто-велат од „Стотројка“.
Нема коментари