Креативниот директор на модната куќа „Живанши“, Рикардо Тиши, вчеравечер на својот профил на „Инстаграм“ откри дека актерката Џулија Робертс е новото заштитно лице на кампањата за пролет-лето 2015. Тој постираше црно-бела фотографија од познатата Оскаровка облечена во црн костим со панталони и црна кошула со бели крагњи, заедно со текстот „Добредојде драга Џулија“. Подоцна постира уште една фотографија со која ни презентира прв поглед на рекламната кампања за новата колекција на „Живанши“, а фотографиите се дело на тандемот Мерт и Маркус. За кампањата Тиши одреди мининамилистички стајлинг. „Одлучив да ја прикажам на поинтелектуален, посериозен и чист начин. Тоа е поинаков, посвеж начин да ја видите Џулија – покул и поурбана визија за актерката“, изјави Тиши за концептот на новата реклама. Робертс на последното доделување на наградите „Оскар“ беше облечена во креација од колекција на висока мода на „Живанши“, а потоа уште во неколку официјални пригоди се појави во модели на оваа француска модна куќа.
Нема коментари