Од сите насловни страници за мартовските и пролетните изданија на познатите модни магазини се издвојува оваа на New You со 83-годишната манекенка Кармен Дел’Орефис, најстарата супермоделка која не престанува да работи. Кариерата ја започна во 40-тите, првата насловна за Vogue ја направи во 1946 година, му беше муза на Салвадор Дали, но Кармен сè уште се фотографира, повремено настапува на модни ревии и претставува пример дека жените и во зрелоста се убави, енергични и модерни. Модната индустрија во перидов се труди да ја отфрли тезата дека ги дискриминира повозрасните жени, а за тоа пример се и ангажманите на Хелен Мирен, Ајрис Апфел, Шарлот Ремплинг, Џесика Ланг, Џоан Дидион во козметички и модни кампањи, како и оваа насловна со Дел’Орефис. Кармен и останатите нека ги охрабрат и поттикнат жените да се грижат за себе, за својата убавина и својот дух, без разлика на нивната возраст.
Фотографиите од насловната и модниот едиторијал со Кармен ги направи Фадил Бериша, американски фотограф од косовско потекло, чија работа имавме можност да ја видиме на изложба во рамките на Моден викенд Скопје во 2010 година.
Нема коментари