Уредничката на американски Vogue, озлогласената Ана Винтур, многу често се појавува во друштво на својата ќерка Би Шефер, но помалку експониран е нејзиниот син Чарли, студент по медицина, кој викендов се венча со својата избраничка Елизабет Кордри со која се запознал додека двајцата студирале на Оксфорд. Се разбира, домаќинка на свадбата била Винтур која за веселбата го отстапи својот имот во местото Мастик, во елитниот Лонг Ајланд, а меѓу гостите биле Марио Тестино, тимот на списанието Vogue, Оскар де ла Рента, Прабал Гурунг и други личности од модната елита. Атмосферата од свадбата најмногу ја илустрираат фотографиите што гостите ги постираа на своите профили на „Инстаграм“. Невестата Елизабет, инаку ќерка на богат финансиер од Сингапур, носела венчаница од Оскар де ла Рента, а од фотографија на Би дознаваме дека деверушите носеле креации од „Прада“. Винтур, носи фустан од „Шанел“, како што може да се забележи од една матна фотографија. „Инстаграм“ фотките откриваат детали од имотот што Винтур го користи како викендичка, како и тоа дека свадбата се одржала на отворено во доста интимна атмосфера. За изненадување, иако се работи за Ана Винтур и членови од њујоршката елита, сè изгледа ноншалантно, природно, без кич и непотребно гламурозно украсување.
Нема коментари