Светкавите парчиња облека, свилените тоалети, моделите од тантела, креациите богати со кристали и мониста често се асоцијација за стајлинг погоден за вечерно излегување, свеченост, свадба, црвен килим… Но тие наоѓаат сè поголема примена во дневниот изглед и кежуал комбинациите.
Со враќање на модата од 90-тите се актуелизираа сребрените парчиња во секојдневната мода за сезоната пролет-лето 2016. Особено застапени се сребрените ткаенини, применети кај здолништата и слим маичките и фустаните, кои беа во понудата на повеќе High street брендови како „Манго“, „Зара“, Н&M, „Топшоп“… На глобалниот тренд се надополни најбараната колекција од брендовите за висока мода, таа на „Гучи“, во која изобилуваа парчиња што според правилникот влегуваат во стајлингот за свечени и вечерни настани, но сепак, се наменети за дневните градски комбинации.
На неодамна одржаната Недела на висока мода во Париз, трендсетерките покажаа како се носи свечено парче додека сè уште грее сонцето. Т ие направија совршен баланс на светкавите креации со кежуал парчиња, џинс и памучни модели, кои можете да ги примените и вие во вашиот летен изглед.
Фустаните со прерамки или со корсет ќе ги прилагодитена дневен изглед комбинирајќи ги со памучна еднобојна маичка, елече, мини џекет, споено со патики и спортска чанта. Кај свечените здолништа има повече простор за комбинации. Може да примените дел од комбинациите што ги носеше Сара Џесика Паркер во „Сексот и градот“, каде што здолниште со тантела е комбинирано со спортска блуза, светкаво здолниште со кошула или маица со монистра во спој со џинс.
Летните обувки, сандалите или платнените патики ви се идеален сојузник во балансирање на светкавите креации, а тука се и елеците и кошулите од џинс, маичките по кратки ракави или прерамки, еднобојни или со принт и краток топ.
Нема коментари