Ѕвездите на уличната мода докажуваат дека можете да привлечете внимание и со помош на земјени, беж, кафеносиви и тонови на карамела. Овие загасити бои се сметаат за основни, мошне сигурни и најнеутрални од сите други бои. За некои се досадни и невпечатливи, но во вистински стајлинг можат да привлечат внимание исто како флуоресцентните тонови или пак жар црвената боја. Ако ги следиме комбинациите на Линда Тол, Ева Чан и другите жени со стил, ќе научиме по некој моден трик. Издвоивме неколку правила како неутралните бои да ги направите доста впечатливи.
Можете да склопите изглед во една боја од глава до петици, на пример костим со панталони, ролка, ремен и шапка како во примерот на Линда Тол. Додадете принт како змиска или каро шара во која доминираат светлокафените нијанси. Важно е да боите да припаѓаат на иста колорна шема.
Комбинирајте различни тексури – на пример кожено палто со плетено здолниште и змиски чизми. Експериментирајте со кроевите, како широки ракави, изрези, преклопи, чворови, кои ќе додадат нова димензија на неутралните бои. Обрнете внимание на деталите – марама, очила, накит, а во одреден момент можете да внесете мала доза на интензивна боја, како на пример цвет во боја на циклама закачен врз бежовиот мантил.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари