Откако ги преплави модните писти и улиците на големите центри, црвената боја оваа есен доминира и на излозите на популарните high street брендови. Прашање на време е кога, една од најзастапените бои во колекциите за претстојната есен, ќе се врати на тронот и во социјалните мрежи и ќе го преземе водството на пастелните зелена, сина и розова, кои беа актуелни ова лето.
Црвената неминовно е една од најносените бои во сите годишни времиња и секоја доба од животот, без разлика на актуелните модни трендови. Може слободно да се каже дека тоа е нијанса која му одговата секому и му ласка на сечиј изглед. Се вклопува во секаков имиџ и е совршена нијанса за модни додатоци, кои даваат нова димензија и поголема персонализација на стилот. Речиси сите поседувеме по некое црвено парче облека, кое не се осмелуваме да го носиме толку често или во посмели комбинации. Влегува во категоријата на доминантни тонови, кои веднаш паѓаат в очи, па така само смелите одлучуваат да се појаваат во целосно црвени комбинации, или во спој со некоја друга впечатлива боја.
Но, оваа есен правилата може да се прекршат, и да се екпериментира со комбинациите. Модните блогерки и трендсетереките покажаа дека црвената боја може да се носи и со розова, кафена, со светло сина, впечатлива портокалова или зелена па дури и со други нијанси на црвена. Добрите познавачи на модата со години ги избегнуваа овие комбинации, но сега , со умешно спојување на моделите, може да се направи совршен уникатен стајлинг. Есенва се носат неколку нијанси на црвената. Најзастапени се коралната нијанса и темноцрвената. Дел од идеите преземени од уличната мода алудираат и на комбинирање на овие два тона.
Може да ја носите во женствена верзија, со секси или романтичен фустан, миди здолниште или широки долги панталони во комбинација со ретро кошула. Може да ја вметнете во својот во бизнис стил – со костум со палто и панталони во ист тон, мантил, „шанел палтенце“, кошула фустан. Тие што негуваат полежерен имиџ ја носат во спортска варијанта, со дуксер или тренерки или пак маичка по кратки ракави со принт. Може да ги активирате и црвените блузи или фистани што ги носевте летово, во повеќеслојна комбинација со маички или палтенца, или пак врз хеланки или фармерки.
Во продолжение се повеќе идеи, селектирани од посетителите на модните недели изминативе сезони.Иако во фокусот е црвената боја, многу поважен е контекстот во кој е ставена и комбинирана.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари