Првиот впечаток е често пресуден во деловниот свет, па затоа кога се подготвувате за интервју за работа, деловен состанок, прва средба со клиент, погрижете се околу облекувањето и стилот, тие се првата визуелна слика што ја проектирате. Во деловниот свет веќе некое време важи правилото 80/20 или Принципот на Парето, според кој во многу случаеви 80% од ефектите доаѓаат од од 20% од напорот. Овој принцип на економистот Вилфред Парето може да се примени во различни делови во професијата, првенствено за континуирано подобрување на деловните процеси, но и во однос на модата. Како? Правилото 80/20 во деловните модни комбинации секогаш носи позитивни ефекти и вели 80% од канцелариската облека да се темели на класични, безвременски парчиња, но на сето тоа треба да се додаде 20% личен стил во вид на откачен ѓердан или впечатливи чевли. Тоа значи дека потребни се повеќе базични, есенцијални парчиња, помалку акцентирани, впечатливи детали. За да го изградите деловниот гардеробер почнете со есенцијалните парчиња што треба да ги претставуваат тие 80% – тоа се класични парчиња како бела кошула, убаво скроено сако, панталони со едноставен крој, деловна верзија на малиот црн фустан, мантил, салонки во неутрални бои, молив-здолниште, голема чанта со структурален облик, кардиган, всушност парчиња кои што сите модни експерти советуваат да ги поседува секоја жена. Повремено оваа листа може да ја разиграте со неколку хибридни класици како кошула на пруги, топли бои, асиметрилни кроеви, ниски чевли, ролка, кои може да се вметнат, но да не бидат нападни и главниво моднаа приказна. Откако ќе ги обезбедите овие класични парчиња, следуваат оние 20% кои треба да се состојат од трендовски парчиња, кои може да бидат забавни, шарени, сезонски, популарни парчиња, како интересен ѓердан, шарена чанта, чевли со необични потпетици… Тоа се парчиња што најчесто ја откриваат вашата креативна страна и автентичничниот стил, но сепак треба да се применат без претерување и најдобро е кога се вметнува само едно впечатливо парче во целата комбинација.
Нема коментари