Со модниот перформанс Under the Tuscan Sun (Под Тосканското Сонце), во режија на Дејан Пројковски, креаторката Тања Кокев на 12 април ќе прослави 10 години од основање на својот бренд. На ревијата, што ќе се одржи на големата сцена на МНТ, ќе биде промовирана новата колекција за пролет-лето 2016, по што ќе следува „Мулен руж“-забава.
-Годинава славиме мал јубилеј – 10 години „Кокев“, кој ќе го почнеме најпрвин со ревија за новата Ready-to-wear колекција за пролет-лето 2016, инспирирана од убавата Тоскана. Инспирацијата не потекнува само од прекрасните зелени пространства на Тоскана, туку е една фина комбинација на природата со тамошниот урбан живот, кој е во нераскинлив врска со модата и со лежерниот дневен стил на Италијанките. Лесни и лелеави здолништа, со тесни, романтично секси горни делови. Станува збор за колекција повторно изработена од прородни матријали во најголем процент свила. Ревијата ќе се случува на големата сцена на МНТ, во режија на Дејан Пројковски, замислена како еден спектакл- перфоманс. Веднаш после ревијата продолжуваме на коктел забава во стилот на Moulin Rouge, со многу црвено и црно, пердуви и многу кич, карактеристичен за тој кабаре-стил – вели Тања Кокев.
Кокев, која по вокација е историчар на уметност, пред да го изгради својот препознатлив моден бренд, има стекнато искуство како новинарка во културна редакција и како менаџер на пет книжари. Вели дека во неа постојано тлеело чувството дека нешто ѝ недостасува, па така, оставила времето да создаде услови за да го почне тоа што отсекогаш го сакала – модата.
-Се појави најголемата инспирација во мојот живот, се роди ќерка ми, и со нејзиниот прв роденден започна сè. Направив комплетен декоративен аранжман за нејзината прослава и сето тоа го изложив во една од книжарите кои ги менаџирав. За неполн месец бев преплавена од нарачки. За два месеци го отворив првиот салон за декорација за по една година да започнам и со креирање на венчални фустани и свечени тоалети. Приказната денес продолжува со креирање секојдневна облека, а од неодамна и чевли-вели Кокев.
Производството на секојдневна облека Кокев го започна со колекцијата есен-зима 2015/16, а продолжува со пролет-лето 2016. Паралелно почна и со дизајн на чевли.
-Користам речиси во целост природни материјали, најчесто свила. Од минатата година започнавме да работиме со ткаенините на „Валентино“ и „Армани“. Материјалите за секојдневна облека ги набавувам од Италија, а за свечените тоалети и венчаници од Италија и Турција. Креирањето чевли е сосема различно од облека, работата е многу деликатна, каде вниманието максимално е концентрирано на деталите. Чевлите ги изработувам истотака во Италија, додека дизајнот е на „Кокев“. Има и своја заштитна пурпурна боја на ѓонот и комплетно се изработени од кожа-вели таа.
Сиве овие десет години без ничија поддршка сама ги качува позитивните вертикали, а рецептот за успех според неа претставува сериозен влог на многу емоции, иако секој чекор и одлука ги донесува интелигентно и со многу промилслување.
-Изгледа успеав балансот да го најдам во мојава професија, не прифаќав компромиси се водев по инстикт, но потоа сериозно размислував за моите одлуки. Никогаш не сум правела статистики и детални анализи. Пред се бил мотивот, а после се останато. Работата е благодет, а кога го работиш тоа што го сакаш навистина си благословен. Затоа, посветеноста, трудот и амбицијата некако нормално ти стануваат секојдневие. Не знаеш да се однесуваш поинаку… освен да бидеш вреден и секој ден да сакаш да направиш нешто поубаво од претходниот.
Нејзини креации иминативе години носеа бројни познати јавни личности, како од уметничката, така и од дипломатската и политичката сцена. Заштитно лице на нејзиниот бренд е актерката Јелена Јованова, но во свечените тоалети често пати се појавуваат и актерките Драгана Костадиновска, Сашка Димитровска, Наташа Петровиќ, Лабина Митевска… Во нејзини креации подеднакво уживаат и дами од бизнис фелата, како Олга Костовска и од политичниот естаблишмент, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.
Нема коментари