„Вистински Hugo Boss џентлмен, искрен, непосреден и со смисла за хумор. Зрачи со посебен шарм и навистина силно присуство. Ја исполнува просторијата со прекрасна енергија и има неверојатен ефект на публиката“. Со овие зборови популарната македонска модна блогерка Јована Зука, која стои зад After Two Five, го опишува холивудскиот актер Џерард Батлер, со кој се сретна во Копенхаген настан во организација на Hugo Boss. По покана од „Еликсир Ексклузив парфимерии“, со кои соработува повеќе од една година, Зука имаше можност на 5 февруари да присуствува на промотивниот настан за парфемот Boss Bottled, еден од најпознатите машки парфеми на Hugo Boss. Boss Bottled повеќе од 15 години важи за вистинска класика во динамичниот свет на парфемската индустрија. Главна ѕвезда на настанот бил актерот познат по улогите во „300 Спартанци“, „Рокенрола“ , „Падот на Олимп“ , „Како да истренираш змеј“ и „Боговите на Египет“.’
-Целодневниот настан беше многу софистициран и започна со појадок во Hugo Boss продавницата заедно со Џерард Батлер, кој е заштитно лице на овој парфем и на кампањата Man of Today, и со Луис Пикок, кој е еден од создавачите на Boss Bottled. Во текот на овој дел, Луис ни ги објасни клучните ноти и неочекуваните детали на парфемот кои го прават посебен. Ни зборуваше за инспирацијата да се овековечи прекрасната силуета на Hugo Boss костумот во шишенце парфем, и ни ги долови квалитетите на мажот на денешнината. И тогаш се појави Џерард Батлер, како олицетворение на тој маж, и зборуваше за тоа како е да се биде дел од ваква кампања. Остатокот од денот вклучуваше интервјуа, гостување на Џерард во големата стоковна куќа Magasin du Nord, како и елегантен коктел во извонредниот Hotel D’Angleterre. Гости на настанот беа претставници од најголемите дански и скандинавски медиуми, скандинавски јавни личности и блогери, како и претставници од парфимерии, новинари и уредници од други земји од Европа-вели Јована, која поширока репортажа од настанот објави на својот блог After Two Five .
>> Каква беше средбата со Џерард Батлер, каков впечаток ти остави? Како изгледаше и како се однесуваше?
-Човекот има смисла за хумор, искрен е, топол, непосреден и зрачи со посебен шарм и навистина силно присуство. Ја исполнува просторијата со прекрасна енергија и има неверојатен ефект на публиката. На сите им посветува подеднакво многу внимание и ако не беше опкружен со асистенти, кои внимаваат на секоја минута, веројатно би поминал часови и часови во разговор, фотографирање и одговарање на сите можни прашања.
>> За спомен имаш фотографии со него. Дали имаше можност да поразговараш со него или да му поставиш прашање, да му дадеш коментар?
-Со оглед на бројот на гости кои чекаа да се фотографираат со Џерард, имаше време само за брзо претставување, позирање, фотографија и „чао, се гледаме пак подоцна“. Но, фотографиите и така вредат по илјада зборови секоја :) … Немав трема за средбата со Џерард, но чувствував голема возбуда за целиот настан. Ми беше неверојатно што добив можност да присуствувам на таква промоција. Освен тоа што милион пати проверив дали ми се полни батериите на телефонот и фотоапаратот, посебни подготовки немав и спонтано тоа утро одлучив да носам палто фустан од „Марков“, чизми над колена со ниски потпетици од Zara и да ја соберам косата во висок реп.
>> Можеш ли да го опишеш парфемот Boss Bottled, за каков тип на мажи е? Дали (си) би носела машки парфем?
-Boss Bottled парфемот го знам веќе долго време и мириса прекрасно, меѓутоа можноста детално да ги запознаам сите негови клучни ноти, вклучувајќи ги и оние неочекуваните како розата, и да слушам за инспирацијата за неговото создавање од човек кој има работено на него уште пред две декади, дефинитивно му даде ново значење на целото миризливо искуство. Се работи за безвременски, елегантен, софистициран парфем кој е исто толку сестран и контрастен колку и мажот на денешнината. Наменет е за решителен маж кој негува совршена рамнотежа на модерни и класични вредности. Иако сè уште сум им верна на женските парфеми, ова искуство дефинитивно ми отвори интерес за експериментирање со машките мириси.
>>Копанхаген е град во кој се живее најквалитетно, а Данците се сметаат за најсреќна нација… Колку се чувствува тоа при посетата на оваа метропола?
-Копенхаген ми беше на листата на градови кои мора да ги посетам веќе долго време и тоа ми донесе дополнителна возбуда за целото патување. Моето искуство со Данска беше прекрасно. Бев на исклучителни места, опкружена со позитивни луѓе кои дефинитивно се задоволни од својот живот и кои со многу љубов зборуваат за својата околина, за најубавите места во државата, за храната, за работата, буквално за сè.
>> Каков стил забележа на улиците на Копенхаген, колку ти се допадна модата во овој град?
-Скандинавските земји, вклучувајќи ја и Данска, ми се репер за стил, за мајсторско облекување во слоеви и за издигнување на удобноста и минимализмот до ниво на совршенство. Покрај тоа што се генетски благословени со совршени природни бои на коса, блескав тен и убави, извишени фигури, и жените и мажите во Данска имаат вродена умешност да направат и наједноставните парчиња да изгледаат неверојатно. Добриот дизајн не владее само во модата, туку насекаде, и се внимава на сè што е визуелно. Веројатно поради тоа и луѓето имаат вкус кој е порафиниран и поистенчен од останатите.
>> На овој настан присуствуваше по покана од „Еликсир Ексклузив парфимерии“. Како настана оваа соработка?
- Со „Еликсир Ексклузив“ парфимерии имам соработка од соништата која почна на нивна иницијатива пред околу година и половина. Досега создадовме неколку визуелни приказни за повеќе производи што ги нудат, кои беа објавени и на мојот блог и во „Еликсир“, списанието кое го изработуваат. Прекрасните луѓе со кои работам во оваа компанија ми даваат комплетна слобода во креативната дирекција на приказните и секогаш бираме продукти кои и лично ги користам, кои се соодветни на мојот идентитет и кои верувам дека можам да ги претставам токму така како што ги доживувам.
>>Ти си една од првите модни блогерки кај нас што успеаа да го подигне на повисоко професионално ниво своето хоби. Со кои сè ангажмани како блогерка и стилистка посебно се гордееш?
-Мојот блог, After Two Five, уште од самиот почеток е многу повеќе од хоби. Ова е моја прва љубов и втора работа на која ѝ го посветувам секој слободен момент. Присуството на настан од овој ранг ми донесе потврда дека целосната посветеност и часовите поминати во работа дефинитивно се исплатуваат, и ми отвори дополнителна мотивација да работам уште повеќе и да го издигнувам квалитетот на својата содржина. Сите ангажмани досега ми се подеднакво важни, бидејќи ми отвораат нови можности и ми носат искуство за секој следен проект.
Нема коментари