„Смислата на постоењето и опстанувањето на жената, покрај силата и цврстината, е потребата секогаш во преден план да ја истакне нејзината женственост, проткаена со изразена чувствителност и сексипилност. Преку овие креации се истакнува тоа префинето чувство кај жената, каде без претерано наметнување доаѓа до израз нејзината нежност, отменост и кревкост и паралелно со тоа ја истакнува својата умешност гордо и силно да му пркоси на предизвикот“.
Со овие зборови младата дизајнерка Андријана Јованова која стои зад брендот JO.AN ја почнува приказната за колекцијата „Чувства”, која ќе ја претстави на третото издание на Fashion & Lifestyle Expo. Своите елегантни и свечени креации за сензуални и силни жени ќе ги претстави со ревија на 22 март (четврток) во Македонска опера и балет, со почеток во 21 часот. Пред одржување на саемот за мода и животен стил разговараме со дизајнерката на JO.AN за настанување на нејзината етикета, модните почетоците и за учеството на овој настан.
*Кога и со каква идеја го основа својот бренд JO.AN?
- При завршувањето на моите студии, се решив за отварање на фејсбук страна на која ќе ги промовирам парчињата облека кои ги имам креирано за некои проекти и дел од дипломскиот труд. Направивме неколку аматерски фотосесии и страната почна да функционира од октомври 2014 година. Името на брендот исто така настана како дел од факултетски проект, на кој требаше да направиме брендирање. Ми се допадна како идеја и решив да го користам и понатаму.
*Кој го сочинува тимот и каде е сместено вашето ателје?
- Во оваа работа започнав сама. Покрај тоа што бев дизајнер, изработката на парчињата беше целосно моја. На тој начин сама научив многу работи во однос на техничката изведба. Со тек на време како што се зголеми обемот на работа, ангажирав жена која ми помага во делот на кроење и шиење. Сега тимот е составен од две вработени, кој секако планираме да го надградиме во текот на престојнава година. Покрај дизајнирањето сеуште стојам и позади целосната изработка на одредени парчиња. Студиото е простор од 20м2, кој се наоѓа во склоп на мојот дом, но поради зголемениот обем на работа, спремаме нов, поголем простор на подостапна локација за која ќе дознаете наскоро.
*Какво е е твоето досегашно искуство со модата? Колку твоето образование, обука и работно искуство се поврзни со неа?
- Дипломирав моден дизајн на Факултетот за Арт и дизајн при Европски Универзитет. Како дел од програмата на факултетот, бевме вклучени во многубројни проекти, но како најзначајни се студентските ревии на кои учествувавме секоја година, во текот на студиите.
*Како стана дел од програмата на Fashion & Lifestyle Expo ’18 и као е замислена ревијата в четврток?
- По покана на организаторите имавме краток состанок на кој одлучив дека настанот би бил одлична промоција за брендот, а воедно едно поинакво искуство. Се’ уште работиме на сценариото за презентацијата, не би откривала се’, само дека музиката е подготвена и е микс од три песни, во бавен ритам.
*Каква е приказната зад новата колекција, „Чувства“? Што те инспирира за моделите?
- Преку креации „зборувам“ за потребата на жената, секогаш во преден план да ја истакне нејзината женственост, проткаена со изразена чувствителност и сексипилност. Преку овие креации се истакнува тоа префинето чувство кај жената, каде без претерано наметнување доаѓа до израз нејзината нежност, отменост и кревкост. Колекцијата се состои од 15 модели на фустани, во кратки и долги варијанти. Секоја од нив женствена, со умерена доза на сексипилност. Покрај црната и крем како основни бои на колекцијата, вметнавме интензивна црвена и жолта боја, која дава малку живост и енергичност на целокупната слика. Ќе сретнете многу тул и чипки со цветни дезени.
*За какви пригоди се креациите и за кој тип на жени се наменети?
- Креациите се исклучиво наменети за вечерни, свечени настани, а типот на жена за која се наменети, можеме да ја опишеме како храбра, независна и спонтана. Пробавме да задоволиме повеќе различни вкусови, водени од една точка.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари