Овогодинешната претставничка на Евросонг Јана Бурческа деновиве на генералната проба ја откри креацијата што ќе ја носи – црн мини комбинезон со реси, со потпис на дизајнерката Антонија Ристовска. Јана и Антонија соработуваат подолго време, а за Евросонг во Киев избраа младешки и модерен изглед.
-Навистина е голем предизвик за мене да креирам костим за настап на грандиозната сцена како што е Евросонгот. Моја олеснителна околност е што со Јана соработуваме неколку години наназад за нејзини сценски настапи и го знам нејзиниот сенс и карактер. И двета бевме со став дека со креацијата ќе ги нагласиме сите нејзини атрибути. Инаку, костимографијата на Јана е инспирирана од нејзиниот млад дух, од кореографијата на песната, од сцената и секако духот на Евровизијата. Кога ја слушнав песната, ритамот, кореографијата ја гледав Јана во креација со нагласена силуета, како цврсто и одлучно гази на сцената. Креација во која ќе има слободни движења на сцената и да биде минималистичка. Ја одбрав црната боја во комбинација со сребрената која асоцира на модернизам, со футуристички призвук. Креацијата е мини комбинезон збогатен со светкави реси од мониста – вели дизајнерката Ристовска за изгледот на Бурческа.
Нема коментари