Младата фотографка Катја Шрткова Кочовска на 1 март во 20 часот во галеријата НЛБ Тутунска банка ја отвора изложба на фотографии „Во текстура“, втора самостојна за авторката и прво самостојно концепт претставување со дела од жанрот на уличната фотографија. Проектот In Textures/ Во текстури се состои од фотографии кои вклучуваат субјект и архитектура од еден град (вклучувајќи и екстериер и ентериер од одреден објект/и). Фотографиите се игра на сенки и форми, снимени во обичното “живеење” на градот во својата големина, со која фотографиите добиваат визуелно графичка нота. Во поголемиот дел од делата (фотографиите) човекот т.е. субјектот има споредна, но истовремено и клучна улога, наспроти архитектонскиот елемент и композицијата во која е снимен. Темата се третира како т.н. соработка со објектот и човекот со својата форма и физикус, или спонтаната улога на човекот во шемата / текстурите на еден град.
Штркова во соопштението за изложбата нагалсува дека поднаслов на „Во текстури“ е „Јас и градот”, каде „ЈАС“ е секоја единка во општеството, како и истовремено е портрет на самиот автор и неговото видување на една средина. „ГРАДОТ“ е секое урбано место, затоа освен Скопје, има фотографии во кои им е доделена улога и на Велес, Ровињ, Пореч, Белград и др. Изложбата ја сочинуваат 40 фотографии во црно бела техника. Фотографиите не се пејсажни и не откриваат точна информација за кој град станува збор, главниот детал се дезените, формите и човекот кој помага не/намерно да се оформи композиција. Проектот опфаќа дела снимени во изминатите 3 години, како и овогодинешни фото записи.
Нема коментари