Изложбата на графики од легендарниот уметник Салвадор Дали, „Помеѓу ѕвездите и басните“, ќе биде отворена во галеријата на Младинскиот културен центар во рамки на 13. издание на манифестацијата „Бела ноќ“, што ќе се одржи на 7 октомври (сабота). Оваа колекција содржи дела од опусот „Вечерите на Гала“, „Божествената комедија“ и познатите Далиеви коњи, како и една скулптура во позлата, наречена „Жена жирафа“ или вкупно 29 дела од најголемиот надреалист.
Шпанскиот уметник ги илустирал познатите басни како „Гавран и лисица“, „Коњи и волк“, „Лавовиот двор“, „Болниот елен“. Оваа серија бакрорези е создадена во 1974 година и е печатена на 250 графички табли, кои се чуваат во многу галерии низ целиот свет.
Изложбата е организирана во соработка со уметничката галерија Висконти од Љубљана и Централноевропскиот културен центар од Нови Сад и претставува серија од единаесет нумерирани и потпишани графики, кои ги илустрираат басните на Жан де Ла фонтен, како и неговиот портрет, виден со очите на Салвадор Дали и тринаесет графики од серијата „Зодијак“. Изложбата ќе биде поставена до 7 ноември.
Нема коментари