Галеријата „Драт“ во Изола, Словенија деновиве беше домаќин на изложбата „Островот на накит: Македонскиот рубин во современ накит“ на која се претставија македонски и словенечки автори со парчиња во кои е вметнат скапоцениот камен. Во Словенија велат дека „изложбата е посветена за македонската гордост за која малку се знае – единствениот европски рубин со уникатна розова боја“. На изложбата се претставија тројца македонски дизајнери, Билјана Клекачкоска, Марта Пејоска и Игор Димковиќ. По едно парче од каменот кој може да се најде само во Македонија им беше даден на неколку словенечки дизајнери кои беа предизвикани да направат современ накит со овој рубин – Александра Атанасовски, Петра Боле, Јелка Кодре, Олга Кошица, Уршка Рихтар, Далија Сега, Кристоф Стајдл Порента, Жаре Огњеновиќ и Нежа Жехељ. Исто така во рамките на гостувањето, дизајнерката Клекачкоста одржа предавање за старата техника на филигранско изработување на накит.
Нема коментари