„Само миговите се вистинити и само тие во сеќавањата остануваат, вткаени во душата на човекот како утеха и надеж. Само мигот е доволен да нè потсети на клокотливата смеа, ѕвонлива и полна среќа, на мирисите од детство, на боите на љубовта и вкусот на нежноста. Навезете ја душата со филигран, ставете по некое парче накит на неа, украсете ја да заличи, да блесни…почувствувајте ја топлината на дрвото и сјајот на бакарот. Нека ве погали суптилноста на Илина а пилето во градите нека ви зацрцори, од радост, од убост. Дозволете си љубов… ЉУБОВ НА ПРВ ПОГЛЕД“
Со овие зборови поетесата Ана Бунтеска ја најавува самостојната изложба на дизајнерката на накит Илина Поповска во автентичниот амбиент на скопскиот локал „Децата од нашата улица” на 28 мај (сабота) со почеток во 20 часот. Носители на изложбата, наречена „Љубов на прв поглед“, се двете нови колекции: „Олдтајмери” и „Птици”.
-Линијата „Олдтајмери” е инспирирана од превозните средства во раниот 20-ти век, а во „Птици” акцентот е ставен на егзотичните птици. Овој пат се држев до (за мене) вообичаените материјали: среброто, дрвото и бакарот, кои ќе бидат надополнети со полускапоцени камчиња, мурано стакло и емајл. Формите и боите се разновидни. Најкарактеристични се кај колекцијата „Птици” кои што се геометриски стилизирани. Комбинација се од црешово дрво и дрвени боички, што значи и шаренила од бои. Новите парчиња стилски се различни од претходите мои колекции. Нишката што ги поврзува со е комбинацијата на материјалот од кој се направени: дрво со дрвени боички-вели Поповска.
Изложбата е составена од три целини: сребро, дрво и бакар. Секоја целина ќе биде посебно претставена вопросториите на „Децата од нашата улица”.
-Амбиентот во „Децата од нашата улица” е посебен и убаво се надополнуваме како целина…За сè е виновен еден настан во овој локал. Мојата прва посета беше на размена на книги што ја имаа организирано. Ми се допадна местото „од прва” и посакав да направам изложба таму, па веднаш почнавме да го договараме настанот. Со Ана Бунтеска се познаваме од порано. И таа беше присутна на размената. Ја поканив и имав среќа да се согласи. Љубителка сум на нејзината поезија. Таа ќе ја отвори изложбата со нејзина поезија и ќе биде диџејка на натанот. Ете така ни се случи, (како) „Љубов на прв поглед” -објаснува Илина.
Креациите, како што вели дизајнерката, се наменети за тие што ќе се вљубат во нив на прв поглед, а по изложбата ќе може да се набават праку личен контакт со нејзе на Фејсбук страниците Ilina Design и Ilina Design – wood.
Илина е една од најангажираните наши дизајнерки на накит, позната по неуморното истражување и комбинирање на различни материјали. Професионално се занимава со изработка на накит од 2003 година, под името „Bead Art”, кој опфаќа дизајн и изработка на накит од полудраги камења, стакло, монистра и посребрена жица. Прво учество во поголем проект е изложбата на „Про Артс” фестивалот во Музеј на Современа Уметност. Првото искуство како обучувач го стекнала на курсот за дизајн и обликување на накит од монистра, одржан 2004 година. Добитничка е на награда за најдобар производ од АТА (Aid to Artisans ) на Annual Christmas Bazaar во 2005 година. Победничкиот производ беше отпечатен на промотивниот плакат за базарот таа година. Во јануари истата година почнала со изучување на филигранскиот занает во „Златара Рубин”. По завршувањето на преквалификациската обука останала во „Рубин” на доусовршување на знаењето од областа на филигранството и рачната изработка на сребрен накит, сè до 2007 година. Таму била именувана со сертификат за самостоен извршител на на занимањето филигранист – златар. Во октомври 2006 год. прв пат настапила со свој филигрански накит на групна меѓународна изложба во „Злaтарна Кодре” Љубљана, Словенија. Биладел од првата самостојна изложба на авторски накит била во рамките на фестивалот „Охридско лето”, во 2009 година. Во октомври 2010 година ја организира и учествува на првата групна филигранска изложба на авторски накит во Р. Македонија „Арт ин Миниатуре” поставена во Куршумли Ан во рамки на „Бела Ноќ”. Истата година беше дел од тимот кој што ја претставуваше Р. Македонија на Shanghai World Expo. Во март 2012 учествува на групна изложба од работилницата за современ накит во „Мала станица” покровителство на Министерство за култура. Во соработка со Дафина Џепароска го изработи прстенот – нараквица за Калиопи за нејзиниот настап на Евросонг во 2012 година. Беше дел од постановката на современ накит од македонски дизајнери во организација на Мисијата на Р. Македонија во ЕУ во Брисел (октомври 2012). На крајот од истата година ја имаше својата втора самостојна излозба во „Кафе Ли“. Наредната година беше финалист на натпреварот за дизајн на „Миксер“ во Србија. Во 2014 година учествува на Super design Pop – Up store во МКЦ , како и Designers Outlet во рамки на Skopje Design Week. Истата година на Моден викенд-Скопје ја претстави својата колекција „Тресори“. Во ноември 2014 таа ја изработи и статуетката за најдобра колекција на наградите на Stylist.mk која отиде во рацете на Јована Филиповиќ.
- Периодов ми се случува „Љјубов на прв поглед“ и ме очекува претставување на новото издание на саемот „Паратисима Скопје”. Оваа година ќе ја одбележат нови материјали и техники од кои со нетрпение очекувам да го видам резултатот-вели таа на крајот.
Нема коментари