Модната дизајнерка и костимографка Милена Атанасова, која стои зад брендот АТАМИ, на 28 октомври (сабота) како дел од соработката помеѓу Concept 37 и Paratissima Skopje ќе ја презентира својата колекцијата „СЕДУМ”. Изложбата, која има продажен карактер, ќе трае до 5. ноември, а ќе биде збогатена со неколку парчиња, во истиот дух, кои се резултат на соработката со познатиот македонски уметник Атанас Ботев.
Колекцијата „СЕДУМ“ прв пат беше прикажана на овогодинешното издание на саемот за уметност и дизајн Paratissima Skopje.
Екипата на саемот неодамна направи соработка со арт-кафето Concept37, како повеќе автори би добиле соодветно внимание и простор да се испрезентираат, а јавноста да види и ги поддржи домашните артисти. Така, секој месец ќе има по еден автор во фокус.
-Девојките од „Паратисима“ и екипата на Concept37 се супер тим, имаат слух за авторите и верувам дека оваа соработка ќе расте и од неа ќе се изродат прекрасни настани. Колекцијата „СЕДУМ“ е надополнета со неколку парчиња, во истиот манир, но се дел од соработката со Атанас Ботев, кој за оваа цел го адаптира неговото добро познато дело „Heartcore“од проектот Deus Sex Machina, за принт и вез. Ова е најава за поголема соработка која следи. Посетителите ќе имаат можност да ги погледнат парчињата од колекцијата, исто така ќе биде изложено оригиналното дело на Ботев, неколку фотографии од последната фото-сесија која ја работевме со студио SUTEREN, како и парчиња од проектот Smells like rain и секако цело е кога има музика, а за тоа ќе се погрижи Martchin [Btkrsh / Desonanz Festival / Broccoli Music]-вели Атанасова.
Дизајнерката открива дека колекцијата „СЕДУМ“ е „отворена“ колекција, која и во иднина ќе биде дополнета со нови креации.
-Подолг период ја истражува и ја инспирира јапонската култура и уметност. Ме привлекува комплицираната едноставност во јапонската естетика, ритуалите и симболизмот во облекувањето. Во фокус на целата приказна е Butoh – јапонска форма на танцов театар, медиум кој длабоко го почитувам. Butoh е сè што сакам, она по што тагувам, за што се радувам… сите болки и радости на едно место. Медиум кој дозволува трагање преку најдлабоките, мрачни и светли спомени кои ги носи еден човек во себе. Себеоткривање, себеспознавање.. и на крај соочување и прифаќање. Оттука и „СЕДУМ“. Во системот на нумерологијата, бројот седум претставува барање, размислување, трагање по вистината. Седум во себе го содржи бројот три- кој претставува небо и душа и бројот четири– земја и тело. Баланс… Секоја култура, религија има приказни за овој број,. Бројот седум го поврзувам со себе, на повеќе нивоа. Колекцијата е на некој начин отворена, уште не сум завршила со оваа приказна:) ..имам уште што да кажам-вели таа.
Парчињата се геометриски, со чисти катови и комфорни решенија. Користени се природни материјали, главно памук, во црна и бела боја. Моделите се уникатни и носливи, впечатливи, кои лесно се комбинираат.
Изминатиов период Атанасова, која има дипломирано моден дизајн на Accademia Italiana, имаше ангажмани и како костимограф.
-Работев на неколку кратки филмови, реклами, но главно сум фокусирана на својот бренд и соработките со други артисти. Во најава е колаборација со Error of harmony, нова капсулна колекција во соработка со Атанас Ботев и еден поголем проект, за кој се надевам ќе збориме повеќе во 2018 година -вели на крајот.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари