Минијатурни пејзажи, инспирирани или позајмени од природата, врамени во епоксидната смола ќе може да се погледнат на новата изложба на дизајнерот на накит Александар Пешевски, што ќе се одржи од 7 до 14 ноември во „Концепт 37“. Креативецот, кој работи под називот MightyJewelry, ќе ги претстави своите најнови 50-70 ѓердани создадени од дрво, камен, смола и друго, магично споени во една приказна.
-Ќе понудам поразлични дизајни и форми кои сами се создаваат низ работата. Последните се слободни форми и минијатурни пејзажи од природата. Тоа беше и почетната идеја, со комбинирање на техники да постигнам минијатури. Низ континуирана работа се менува и техниката која ме донесе до нови вертикални фирми. Од дрво има орев, бука, круша, афрички орев. Други материјали се ситни камчиња, песок и сè друго од природата-вели Александар.
Тој беше еден од учесниците на неодамна одржаниот саем „Накит 2016“ во „Јавна соба“, каде што понуди дел од новите креации.
-Саемите се битни за секој автор да се промовира и да се запознае со останатите излагачи. Тука се разменуваат идеи, се создаваат нови, се добиваат насоки за нови техники, критики и пофалби. Преку посетеноста исто се остваруваат контакти и се прати интересот на посетителите. Дружењето е најпозитивната страна на самите и базарите-вели тој.
Неговиот накит може да се најде и во новоотворената концептуална продавница Wonderlust. -Wonderlust e убаво место, склопено од креации на дизајнери кои се постојано промовирани. Интересот за овој тип на накит е позитивен, секако е потребно време да го научат и навикнат на око а понатаму и како дел на себе-додава тој.
Приказната на MightyJewelry се родила од љубовта за работа со дрво.
-Сè е настанато од љубовта за работа со дрво. Сите моменти кои се случуваа се поврзуваа во создавање на накит, јас само го пратев сето тоа. Идејата за MightyJewelry е од MightyCreation- името под кое веќе повеќе од 15 години работам како графички и веб-дизајнер. Приказната почна кога избрав да работам графички дизајн. Со тек на време самата креативност почна да се шири на различни полиња и така се појави MightyPosters, MightyGourds (дизајн на лејки кој го работев пред накитот) и сега MightyJewelry. Сите овие работи се меѓусебно поврзани, функционираат паралелно и се надополнуваат меѓусебно. Накитот е само продолжување на нешто кое го прекинав пред повеќе од 10 години за да се посветам професионално на дигиталната креативност-вели Пешевски.
Нема коментари