Македонски дизајн ќе биде претставен на изложбата насловена „Помеѓу“ на меѓународниот фестивал „Миксер“ во Белград во периодот од 25 до 28 мај. Изложбата се однесува на дизајн производи на шест млади македонски брендови направени во 2016 и 2017 година. Брендовите и дизајнерите We and Nature, Rinocca, Преплет студио, Кире Стојоски, Марија Рашковиќ и Евгенија Зафировска, застапувани од страна на дизајн центарот „Јавна соба“ ќе се претстават на 5 регионални дизајн фестивали и саеми во период мај – ноември 2017, а Белград е традиционално првата дестинација.
Македонскиот дизајн на производ е редовно застапен на меѓународната сцена преку патувачки изложби организирани од страна на дизајн центарот „Јавна соба“. Оваа соработка иницирана од страна на два клучни регионални актери „Јавна соба“ и „Мисер“ датира од пред осум години. Дизајн организациите го насочуваат своето работење кон подигнување на нивото на соработка во регионот и на тој начин го афирмираат националниот во рамки на балканскиот дизајн како препознатлив бренд во пошироки рамки.
Регионалната размена е од исклучително значење за национален и индивидуален развој на дизајн секторот во самите земји. Докажано е дека регионалната размена стимулира зголемување на продуктивност кај дизaјнерите, но и го подигнува нивото на свест кај публика и креира здрав и свесен конзумеристички пристап кон дизајн производите, кое е многу значајно за опстојување на локалните брендови. Клучниот момент за оваа размена во Македонија е фестивалот Skopje Design Week, кој оваa година ќе се реализира во период од 22 до 25 ноември. Земја во фокус годинава е Унгарија.
Нема коментари