Брендот за рачно изработени керамички садови – LIPA ceramics, зад кој стои архитектката и креативка Анета Попова ќе одржи изложба во скопската галерија „Акантус“. Отворањето, во претпразнична атмосфера, е на 15. декември (петок), а ќе трае до 17. декември (недела). На изложбата, како резултат на повеќемесечна студија, ќе биде претставена новата колекција STONE • feel the material. Колекцијата ја обликуваат автентични парчиња керамика, кои можат да се користат во прозаичното секојдневие или да додадат церемонијалност на некоја посебна пригода. -Во фокус е Допирот преку кој „кожата на светот“ се доближува до нашата, доволно блиску и длабоко за да предизвика глад. Допирот може да (се) почувствува – допирот е чувство. Допирот не можеш да го измамиш, тој е гласник на вистината. Допри!-вели Попова. Приказната на LIPA ceramics почна во еден од најубавите катчиња во околината на Скопје, во шумите на кањон Матка, под крошната на една стара липа. – Не знам дали можам временски точно да го одредам почетокот на LIPA ceramics. Можеби, корените треба да се бараат во некој период од пред три години, кога почнав да се интересирам за керамиката како занает- интерес кој со секое соочување со неа, растеше и се интензивираше. А можеби треба да се бараат и уште подалеку и поблиску до моето детство, период кога љубопитноста те тера да го испробуваш сопствениот креативен потенцијал, па црташ, пишуваш, им ја менуваш употребата на различни предмети, а подоцна и рециклираш мебел. Постојана разновидност. Сепак, во оваа форма во која што се претставува денес, како бренд – LIPA ceramics, зачетокот на идејата го гледам година и пол наназад. Тоа е период во кој почнав посериозно да работам со материјалот, буквално од самиот зачеток на запознавање и развивање вистински однос со глината, зашто керамиката и нејзиното создавање е жив процес во постојано движење. Се работи за процес на учење кој трае засекогаш. Токму тоа е она што ме освои-вели таа. Називот на брендот има повеќекратна симболика. Приказната е поврзана со местото каде што LIPA ceramics се создава, тоа е домот на Анета на Матка. -Во центарот на тој дом се извишува стара стогодишна липа, која доминира во дворот и истовремено го дефинира. Од друга страна, Скопје е град на липата. Скопје е липа. А може да се додаде и трето значење, кое се однесува на липата како симбол на свето дрво во словенската митологија. Конкретно, името го избравме заедно со сестра ми, Ирма Велковска, која потоа го изработи и логото-вели Анета во неодамнешното интервју за stylist.mk кое во целост може да го прочитате тука.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.>
Нема коментари