Рачно изработени чанти наменети за модерни жени со изграден стил, вчера во арт-кафе „Концепт 37“ промовира брендот L&E од Лондон, зад кој стои македонската дизaјнерка на модни додатоци, Лидиа Јовановска. На својата прва изложба во Македонија беше претставена зимската колекција со 20 отсто попуст, а беа изложени и неколку парчиња од летната колекција, која може да се купи во пред-продажба. Дизајнерката вели дека за изработка на чантите користелa различни квалитетни материјали.
-Зимската колекција е изработена од италијански филц. Летната линија, пак, е направена од нов вид на еко кожа која е направена од целулоза (пресована хартија). Со оваа најнова и ексклузивна техника се добива сосема нов вид на еко кожа која е водоотпорна и лесна за одржување. Карактеристично за овој материјал е што е значително полесен во тежина од вистинската кожа што ја прави уште покарактеристична и поразлична. Ова е новина на пазарот. Моментално само Италијанците ја користат оваа техника, и сè уште во светот никој не може да ја ископира. L&E е првиот бренд што ја применува оваа техника за изработка на чанти-ни изјави Лидиа.
Новина во работата на брендот е и рачно плетените елементи на торбите. Дизајнерката вели дека со оглед на тоа што во Македонија има многу жени што плетат, планира да направи поширока соработка. Повеќе ќе го вклучи плетењето во линијата за следната зима.
-Постојано сум во потрага на нови, иновативни техники и квалитетни материјали за изработка на чанти. Иако сме насочени кон користење на еко материјали, тоа не значи дека употребуваме евтина основа. Напротив, често набавуваме материјали кои се поскапи од кожата-вели таа.
Овие рачно изработени чанти се уникатни, лесни и мултифункционални погодни за секоја пригода. Наменети се за девојки и жени со изграден стил, за бизнис жени како и за сите оние што сакаат да бидат уникатни и впечатливи. Торбите се лесни и мултифункционални, погодни за секоја пригода.
-Чантите на L&E се за жени што сакаат практични и иновативни дизајни. Една од нашите главни цели е да имаме дамски чанти кои се city bags, а од друга страна се и практични и лесни како casual bags.Чантите освен што се практични исто така се и нумерирани, концептуално дизајнирани и изработени во мали серии од по 10 парчиња по модел и боја што ги прави единствени. Целиот концепт набрендот L&E е осмислен токму околу големината и практичноста. Во една колекција има две големи чанти за работа и патување кои се доста практични бидејќи имаат доста пропратни делови. Со нив сте спремни за секоја прилика и ситуација. И во двата модела има мали чанти/паричници идеални за гала вечери или за други свечени пригоди. Тие исто така имаат систем за надоврзување со големата чанта и многу други пропратни артикли кои ќе ви ја организираат чантата како што се мини паричници за железни пари, дел за документи, дел за компјутер, приврзок за клучеви кој се закачува и истегнува, изолатор за вода како и многу други практични делови што ќе ја организираат чантата.
Брендот L&E е стациониран ви Лондон, а чантите се продаваат онлајн и во стокови куќи. После изложбата дел од моделите ќе останат изложени за продажба во „Концепт37“.
-Многу сум задоволна од посетеноста и од начинот на кој помина презентацијата во „Концепт 37“. Ова е добра можност купувачите и модната публика да се запознае со нашата работа. Но исто така е и можност ние да ги запознаеме креативци и таленти кои би сакале или веќе се занимават со рачна изработка на чанти. Отворени сме за соработка со сите заинтересирани, а праќаме и апел до факултетите кои имаат катедри по моден дизајн, за вклучување и изнаоѓање на идни дизајнери на чанти. Планираме да дадеме можност за стажирање во L&E. Целта на овој проект е да се врати здивот на македонското занаетчиство и да ја ставиме Македонија на мапата на земји со уникатна и квалитетна рачна изработка. Со ова би отвориле шанси за нови вработувања и би можеле да понудиме обука од светски калибар-вели таа.
Покрај Лидиа, која се грижи за дизајнот, во тимот на L&E се и Емилија Савевска, Ана Дионисиева, како и мајсторот Аднан кој ги изработува чантите. Тој е првиот пријавен изработувач на чанти во нашата земја. (А.Н.)
Фото: Stylist.mk
Нема коментари