Почнувајќи од денес сè до 16 февруари следната година вратите на главниот изложбен салон во Гран Пале се отворени за делата на најпознатиот француски јувелирски бренд со 125-годишна традиција. Организаторите најавија дека ова е најголемата изложба на „Картие“ досега. Насловена „Картие: Стил и историја“, поставката опфаќа повеќе од 600 ремек-дела, парчиња накит што ги носеле холивудските ѕвезди, светските богаташки и членовите на кралските семејства, како и други додатоци, старински мебел, слики, гравури, фотографии, уникатни скици и друг архивски материјал.
Меѓу изложениот накит се најдоа и свршеничкиот прстен со кој монегашкиот принц Рение ј азапроси актерката Грејс Кели, венчалната дијадема на Кејт Мидлтон, дијамантната белегзија што Глорија Свансон ја носеше во филмот „Булевар на самракот“ и познатиот брош во облик на фламинго изработен во 1940 година специјално за војвотката Валис Симпсон. Посетителите на изложбата имаат можност да се информираат за долгогодишната историја на компанијата, особено за Жан Тусан која била директорка на одделот за луксузен накит во 30-тите и 40-тите години од минатиот век и која е заслужна за некои од највпечатливите парчиња на „Картие“. Посебно внимание привлекува легендарниот ѓердан „Ла Перегрина“ кој Ричард Бартон го нарача кај дизјанерите на „Картие“ специјално за Елизабет Тејлор, а во кој е вметнат познатиот бисер што своевремено бил сопственост на британската кралица Мери Тјудор.
Нема коментари